ВМРО-ДПМНЕ како во 2015 така и денес стои зад ставот дека е неопходна институционална реорганизација, но заради воспоставување на институционална рамка со јасни надлежности и линии на отчетност, а не како алиби за бркање од работа на неистомисленици и алатка за предизборни уцени на административците, смета дополнителниот министер по информатичко општество и јавна администрација Невенка Стаменковска Стојковски.

Таа преку својот Фејсбук профил сподели статус во кој вели:

Бидејќи ова е операција од која треба да произлезе долготрајно и издржано решение, при имплементирањето на истата треба да се воспостави сериозен пристап и да се базира врз основа на наоди од темелни функционални анализи согласно закон и методологија. Раководните структури поставени од СДС покажаа дека не се способни за спроведување на такви анализи, поради што се врши обид да се поедностави процесот при што се заобиколува законот и се отвора простор за злоупотреба на нивните раководни функции, субјективност и манипулации.

Обидот на СДС да го прескокне најважниот чекор само покажува дека оваа суштинска операција и средствата на даночните обврзници на Европската Унија ќе бидат злоупотребени за политички реваншизам, целосна партизација на администрацијата и за релативизирање на нивната неспособност за спроведување на вистински реформи.

Воедно потенцирам дека поднесувањето на оваа информација без да бидам консултирана претставува грубо кршење на член 46 став 2 од Законот за Владата на Република Македонија, а без почитување на овој закон не постојат основни услови за фер и демократски избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.