Удрените шамари помалку болат од неудрените, оценува македонското правосудство. Циниците ќе речат дека не е до шамарите туку до партијата. И веројатно нема да погрешат.

Денешната судска одлука Курто Дудуш, насилниот градоначалник на Шуто Оризари од СДСМ, да добие опомена за претепување не може да помине без да се споменат само неколку судски пресуди „со иста тежина“.

Судијата се оддолжил затоа Курто куртулил?!

Со денешната амнестија на функционерот на СДС, судијата Ѓоко Ристов испрати ужасно лоша порака кон сите насилници, измачувачи и локални шерифи кои ја земаат во раце правдата, затскривајќи се зад партијата која ги наместила на тие функции, пишува порталот Сведок.

Новинарот Саше Димовски потсетува дека за закана на ФБ кон градоначалникот на Кавадарци едно лице пред десетина дена заврши во притвор, а МВР и ОЈО работат кон санкционирање на заканите упатени кон новинарките Јордановска и Коровешовска, но во целиот овој период, таа борба ја сруши Ѓоко Ристов со тоа што му простува на овој силеџија, партиски функционер, член на владејачката СДС, кој тепал кај што ќе стигне.

 

Дали ваквата блага реакција и неказнување кон Курто Дудуш значи и благодарност на судијата Ѓоко Ристов за тоа што Владата на СДС, ја именуваше неговата втора сопруга Симона Зориќ Ристова за државен правобранител, прашува Димовски.

За палењето на Канцеларијата на претседателот во центарот на градот во април 2016 година кога започна Шарената револуција, судот целосно ги ослободи Здравко Савески и Владимир Куновски.

Насилства кои не куртулија

Панче Ангелов, обвинет дека ја потегнал за коса Радмила Шекеринска во настаните во Собранието на 27 април 2016 година, тогаш пратеничка, а сега министерка за одбрана, Кривичниот суд во Скопје го осуди на затворска казна од четири години.  Ангелов и неговата одбрана на јавна седница во Апелација на 16 јануари побараа судот да ја преиспита висината на казната и да определи поблага или условна казна. Тој пред судот рече дека само ја потегнал Шекеринска за коса, но не ја повредил.

Наспроти оваа висока казна пресудена за стар човек, кој го призна делото и се извини, фрактурите на черепот на Демир Исмаил го чинеа Курто Дудуш „судска опомена“.

За предметот на СЈО „Насилство во Центар“ им се закануваат затворски казни на поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и на уште девет лица. Обвинетите не удирале шамари, не затворале и не претепувале недолжни граѓани во своите канцеларии, туку со присуството на протест пред општината Центар им нанеле чуство на страв на советниците на СДСМ.

Во овој случај веќе се изречени две условни казни за четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петтообвинетиот Јордан Ристевски, кои признаа вина.

Обвинетите во предметот „Насилство во Центар“ се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година, но најважно од се, не се работи за насилство што се случило, како фрактурите на черепот на претепаниот Исмаил, туку за телефонски разговор во кој се споменуваат шамари.

Токму вака доаѓаме до тезата поставена на почетокот на текстот – не е до шамарите, до партијата е.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.