Изградбата на модерна дигитализирана железничка мрежа со директни експресни возови кои ги повруваат градовите во регионот ќе придонесат за воспоставување  подобра поврзаност, сигурен транспорт за деловни и приватни патувања на Западен Балкан и одржлива животна средина. Ова е основниот приоритет во документот Потосветеност на Железницата што го потпишаа денеска во Белград министрите за транспорт на Македонија и на земјите од регионот, на првиот Железнички самит за Западен Балкан.

Како што јави дописнкиот на МИА од Белград, Самитот се одржа во организација на Постојаниот секретеријат на Транспортната заедница, Европската инвестициона банка (ЕИБ) и Европската банка за за обнова и развој (ЕБОР), а изјавата во документот за подготвеност за развој на железничкиот транспорт како врвен приоритет ја потпиша и македонскиот министер за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Ние сме во Белград заедно со другите држави од регионот да покажеме подготвеност заеднички да пристапиме кон надградба и развој на железницата во регионот. Кога зборуваме за железничкиот и патен транспорт, тој не завршува на нашите граници, тој продолжува и затоа мораме заедно да работиме со цел да ги подобриме услугите, кавалитетот, безбедноста и заштитата на животната средина и токму тоа е еден од најзначајните принципи зошто сме денес овде и зошто со станатите земји работиме на подобрување на овој сегмент на транспортот. Мораме да продолжиме да работиме со уште посилно темпо и динамика на Коридорот 10 и Коридорот 8. За овој коридор очекувам дека на почетокот на 2022 ќе имаме градежни зафати, ќе имаме избрано изведувач кој ќе започне со изработка на проект во износ од 200 милиони евра, кој ќе значи развој на овој Источен крак од Коридорот 8, а тоа е Паневропскиот коридор и секако во продолжение на третата фаза кон границата на Бугарија, изјави министерот Бочварски.

Според него, значајно е тоа што „Балканот покажува дека сите земји може да продолжат да работат заедно, без никој да прави притисок, и поради ова продолжуваме да ги надоградуваме политиките во транспортот и животната средина“.

На Самитиот, потпретседателката на ЕИБ за ЗБ, Љиљана Павлова, изјави дека „ЕИБ ќе ја подржи имплементацијата на Економско-инвестицискиот план и ќе даде помош на локалните партнери за пристап на расположивите фондови, за што досега ЕИБ има вложено над 5 милијарди евра во транспортниот сектор.“

Ова е можност која земјите од ЗБ не смеат да ја пропуштат да инвестираат во своите железници, и заедно со ЕУ и ЕИБ ние ќе ја дадеме подршката во вид на структурни финасиски средства за развој на железницата и одрживлиот, зелен, безбеден облик на транспорт на ЗБ, изјави Нандите Паршад, директор во ЕБОР.

Од 2014 година, Србија инвестираше повеќе од 600 милиони евра во реконструкција и модернизација на железницата и набавка на возила, изјави денеска премиерката на Србија Ана Брнабиќ непосредно пред почетокот на Железничкиот самит Западен Балкан 2021 година во Белград.

Планираните железнички проекти во Србија вредат повеќе од шест милијарди евра, додаде Брнабиќ, нагласувајќи дека целта на Србија е целосно да се модернизира железничкиот сообраќај и со железница да се поврзе со сите земји во регионот и Европската унија.

Брнабиќ посочи дека целта е железницата да биде примарен вид превоз, и патнички и товарен, потсетувајќи дека 2021 година е година на железницата во Европската унија.

На белградската железничка станица Центар – Прокоп таа го пречека возот „Connecting Europe Express“ , кој беше дизајниран од Европската комисија како дел од Европската година на железниците. Со тоа се означи почетокот на Железничкиот самит во Белград. Возот поминува низ 26 европски земји, а вечерва се очекува да пристигне и во Скопје.

Самитот е организиран од Транспортната заедница, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), а домаќин е српското Министерство за градежништво, транспорт и инфраструктура.

Во видео пораката на отворањето на Самитот, еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеј изјави дека ЕУ е подготвена да ги поддржи земјите од Западен Балкан во модернизацијата на железничкиот сообраќај, кој, како што рече, е важен за поврзување на регионот, но и на регионот со ЕУ.

Тој истакна дека клучна програма за инфраструктурниот развој на регионот е „Економскиот инвестициски план за Западен Балкан“ вреден 30 милијарди евра, кој Европската унија го одобри за регионот. Тој прецизираше дека милијарда и пол евра ќе бидат вложени во развој на брза пруга на Коридорот 10, кој ќе ја поврзе Србија со Бугарија и со Грција, како и развој на Коридорот 4, со кој Белград се поврзува со Подгорица и пристаништето Бар во Црна Гора.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.