За сличен скандал како оној со сопругата на заменик министерот за животна средина Јани Макрадули, во 2016 си поднесе оставка Вицепремиерот на Владата на Хрватска, Томислав Карамарко. Во Македонија, не само што нема оставка и реакција од владата, туку „фатениот“ арогантно го брани правото неговата сопруга да довива државни тендери.

Хрватскиот неделник „Национал“, во 2016 откри дека сопругата на тогашниот вицепремиер Томислав Карамарко примила 60.000 евра од компанијата на лобист на унгарската нафтена компанија МОЛ, која тогаш очекуваше одредени бенифиции од владата.

Парите ги примила преку нејзина фирма, со легално заверен договор за консултантски услуги за енергетика со месечен паушал од 2.500 евра. Значи, Ана Шариќ – Карамарко за разлика од Маја Трендафилова – Макрадули не примила пари од државата, туку од приватна компанија која си има работа со државата – што е дело за кое мора да признаеме дека е далеку помал непотизам и корупција од овој на Макрадулица.

Во исто време сопругата на Карамарко примила 30.000 евра помалку од сопругата на Макрадули. Скандалот таму е очигледно далеку помал од скандалот овде, но и покрај тоа веднаш по обелоденувањето Томислав Карамарко си поднесе неотповиклива оставка од вицепремиерската позиција и до ден денес не може политички да се рехабилитира.

Наместо оставка или жестока реакција од Владата која во нормални услови би отворила истрага за однесувањето на нејзините функционери, кај нас Макрадули одговори со ароганција кон медиумите, кои од заменик министерот беа прогласени за злонамерни.

Не станува збор за судир на интерес, не сум прекршил никаков закон, некој што сака мене да ме оцрни злопотребува чесни луѓе кои работат 30 годин, рече Макрадули.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.