Правото да се иницира референдум е легитимно и уставно загарантирано, но не е оправдана причината поради која се користи ова право. Апсурдно е на референдум да се блокира напредокот и дигитализацијата со која се осовременува образованието, соопшти Министерството за образование и наука, додавајќи дека промените мора да се случат и од новините кои се предизвик за сите не треба да се откажуваме.

– Законското решение кое се однесува на материјалите за учење е целосно во согласност со времето и ерата на ИТ-технологијата во која младите живеат и за најголем дел од нив примената на електронски уред за совладување одредена наставна материја или тема, пребарување и истражување податоци преку интернет не претставува проблем, туку вообичаена практика која со законот ќе стане достапна за сите, вклучително и за учениците од социјално ранливите семејства, наведува МОН во реакција на одлуката на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ да собира потписи за иницирање референдум за да се запре донесувањето на новиот закон за учебници со кој се воведува дигитализација.

МОН укажува дека новиот Закон за учебници и други наставни и дидактички материјали ќе ги донесе европските практики во нашите училишта, а придобивките, согласно планот за имплементација на реформите, етапно ќе стануваат достапни за учениците од различни одделенија во следните пет-шест години.

-Во меѓувреме, до усвојување на законот секој има можност за учество во негово подобрување преку конструктивни сугестии и забелешки, кои МОН како и досега со должно внимание ќе ги разгледува, земајќи го предвид најдобриот интерес на учениците. Законското решение во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека учебниците ќе бидат достапни во аудиоформат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Всушност, ова е првиот недискриминирачки Закон за учебници кој ќе биде донесен во државата, посочува ресорното Министерство.

Додава дека во учебниците се воведуваат теми од областа на мултикултурализмот, толеранцијата, почитување на различностите како вредности кои мора да ги поседува секој европски и граѓанин на современо општество. Можноста за ажурирање на учебниците секоја година, според МОН, ќе значи и дека повеќе нема да се применуваат учебници со застарена содржина.

– Уште еднаш апелираме до сите кои сакаат да придонесат за унапредување на законското решение кое достапно на веб-страната на МОН, можат да го сторат тоа преку повеќе канали за непосредна комуникација со Министерството за образование и наука кое продолжува да работи транспарентно, отворено и како и досега, сите промени да ги креира преку широка јавна дебата и инклузивен процес со учество првенствено на засегнатите страни и со бројни други општествени чинители, информира МОН, укажувајќи и дека промените се одговор на долгогодишните барања на наставниците и на многу генерации  ученици за поквалитетно образование

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.