Министерската за надворешни работи на Холандија, Сигрид Каг, одржа дебата со пратениците од парламентарната комисија за европски прашања, меѓу другото за можноста за зелено светло за првата меѓувладина конференција со Албанија и Македонија на 22 јуни, јави дописничката на МИА од Брисел.

Министерката Каг денеска пред холандските пратеници изјави дека Холандија поддржува усвојување на преговарачката рамка за Македонија и за Албанија, но дека со оглед на блокадата на Македонија, мали се шансите рамките да бидат усвоени на 22 јуни на Советот за општи работи на Европската Унија.

И покрај отпорот од некои политички партии во земјата, позицијата на Холандија во однос на Албанија е значително променета и Хаг нема резерви кон Тирана како што беше случај до сега, за одржување на првата меѓувладина конференција. Холандија смета дека земјата ги исполнува потребните услови, а преговарачкиот процес на ЕУ врши доволен притисок за реформирање на судскиот систем и владеењето на правото за да се надминат колебањата на холандската јавност, смета министерката.

Таа се повика и на геополитичката состојба на ЕУ во однос на другите големи сили присутни на Западен Балкан.

Со оглед на тоа дека и Европската Комисија и повеќето земји членки на ЕУ не сакаат одвојување на Скопје и Тирана во овој момент на процесот, ќе треба да се види дали во наредните денови Софија ќе направи исчекор. Во спротивно, Бугарија би можела да биде одговорна не само за блокадата на Македонија туку и на Албанија, објаснуваат дипломатите во ЕУ.

Холандската министерка за надворешни работи во холандскиот Парламент посочи дека португалското претседателство работи на надминување на спорот и изнаоѓање решение.

Утре холандскиот Парламент би требало да одржи уште една дебата на оваа тема, овој пат на пленарна седница, на која пратениците ќе заземат конечен став.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.