Ако ме изберат за градоначалник нема да се доживувам како градоначалник кој ќе биде дистанциран од граѓаните, напротив, ќе бидам рамо до рамо со нив, што впрочем и сум го докажал во мојата професија, како доктор. Значи за граѓаните ќе имам време и како доктор, и како градоначалник, вели Митре Милошевски, кандидат за градоначалник за Охрид од редовите на ВМРО-ДПМНЕ

 

Кандидат сте за градоначалник на Охрид, на почетокот на капмањата рековте Охрид е убав град може и убаво да се живее во него? Како, што ќе направите вие за подобар живот во Охрид?

Милошевски: Да, стојам зад тоа што го реков. Охрид е еден од најубавите градови, не само во нашата земја, туку и пошироко. Охрид и охриѓани заслужуваат подобар живот на секое поле. Секако, ќе се движам во рамките на моите надлежности коишто произлегуваат од Законот за локална самоуправа. Пред сe’ мојата енергија ќе ја насочам кон подобрување на инфрастуктурата во градот, а ќе ставам посебен акцент на приградските населби и прекрасните охридски села. Охрид ќе го направам да биде препознатлив по високото ниво на хигиена, чиста и здрава животна средина како што му доликува на еден врвен туристички центар.

 

Во вашата програма има и за тоа дека Охрид ќе биде модерна и ефикасна локална самоуправа. Како ќе го постигнете тоа?

Милошевски: Факт е дека моменталната локална самоуправа не е на завидно ниво. Секако дека таму има квалитетни кадри кои совесно си ја вршат својата работа, но треба уште повеќе да се залагаат во своето работење, а со тоа граѓаните да можат да ја добијат соодветната услуга која им е потребна. За да има непречено функционирање на локалната самоуправа, e потребна ефикасна администрација. Доколку бидам избран за градоначалник на Охрид, прво што ќе направам ќе биде формирање на најквалитетен стручен тим кој ќе ми помага да менаџирам. Мојата канцеларија ќе биде отворена за секој граѓанин од нашата општина. Ќе воспоставам практика еднаш неделно да имам отворен ден со граѓаните, каде што ќе ги сослушам нивните идеи, предлози, мислења, критики, поврзани со градот и граѓаните.

Вие веќе отворивте канцеларија за комуникација со граѓаните, што рекоа граѓаните на првата средба?

Милошевски: Пријатно сум изненаден од посетеноста на граѓаните кои сакаат да видат една новина во кампањата и сметам дека ваквиот непосреден начин на комуникација со граѓаните ќе се практикува и во иднина. Јас нема да се доживувам како градоначалник кој ќе биде дистанциран од граѓаните, ами напротив, ќе бидам рамо до рамо со нив, што впрочем и сум го докажал во мојата професија, како доктор. Самата професија налага, а мене ми е задоволство секојдневната комуникација со луѓето. Секогаш ќе се трудам, и досега како доктор, а и во иднина доколку бидам градоначалник да помагам секому и во секое време. Еднаш веќе сум дал Хипократова заклетва несебично да се борам за секој човечки живот, а од функција на градоначалник ќе се залагам да му помогнам на секој граѓанин во остварување на своите права кои произлегуваат од функционирањето на локалната самоуправа. Значи за граѓаните ќе имам време и како доктор, и како градоначалник.

 

На што се друго треба да се стави акцент и ќе ставите доколку ве изберат за градоначалник?

Милошевски: Се знае дека примарно место во функционирањето на Охрид зазема туризмот. Ќе се залагам за продолжување на туристичката сезона во текот на целата година. Гостите кои доаѓаат треба да се чувствуваат пријатно и безбедно. Секако не смее да се занемари и образованието кое е еден од најважните сегменти во општеството. Мора да се подобрат условите во училиштата доколку сакаме квалитетно образование. Учениците, но и наставниците од 21 век заслужуваат нови училишта, современи нагледни средства, спортски сали и игралишта, каде што учениците во слободно време ќе се рекреираат и ќе го зајакнуваат својот здрав младешки дух. Социјалната заштита и превенција мора да се подигне на највисоко ниво за унапредување на положбата на сите граѓани. Културата да биде главниот промотор на градот преку континуриана туристичка промоција.

Светот останува на младите и веројатно тие би сакале да слушнат што се имате во план за да ги задржите во градот?

Милошевски: Младите се нашата иднина, но за жал сѐ поизразен е трендот на иселување, како од градот, така и од државата. На ова поле треба многу да се работи и да се вложи многу труд и енергија за да почнат да се чувствуваат вредно во својот град.

Формирањето на претприемачки инкубатор за нови бизниси за млади лица веднаш ќе апочне да функционира во интерес на младите. Субвенциите за вработените во туризмот ќе значи задржување на квалитетните млади кадри од угостителството и туризмот како носечка сила за убав град. Но, и за таа цел потребно е исто така да се развие спортот, а со тоа да се отворат и спортски центри, да се издигне културно- социјалниот живот на младите на повисоко ниво.

Имате амбициозна агенда, досега пак бевте крајно посветен на професијата, како наоѓате време за себе, за семејството?

Милошевски: Јас сум во принцип динамичен човек и ваквата набиена агенда не ми претставува тешкотија, туку напротив ми создава задоволство, зашто секојдневно сум опкружен со луѓе од градот и околината кои ме поддржуваат и ми даваат уше поголем елан и мотив да работам во оваа кампања. Секако тука е големата поддршка од моето семејство, без која немаше да се нафатам за ваква голема одговорност. Кога некој ќе рече: ,,Немам време’’, тоа значи ,,Не сакам“, време секогаш има, а особено за најблиските. Колку и да сум уморен од напорниот ден, моето семејство, моите пријатели, а особено мојата внука ми ја враќа енергијата и ме прави да се чувствувам најсреќниот човек на светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.