Пандемијата на КОВИД-19 и мерките кои се преземаат за справување со оваа состојба уште еднаш покажаа дека најсигурно работно место и најсигурна егзистенција нудат вработувањата во државната администрација и во јавниот сектор, вели претседателката на Транспаренси Интернешнл Македонија (ТИ- М), Слаѓана Тасева.

ТИ- М денеска соопшти дека заедно со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) работи на проектот „Проценка на ранливост од корупција во политиките и постапките за вработување, со посебен фокус на непотизам, клиентелизам и кронизам“. И ДКСК и ТИ- М сметаат дека ова истражување уште повеќе добива на значење сега, во деновите на пандемија, кога голем број лица ги изгубија своите работни места, а со тоа и своите примања, до степен на загрозена егзистенција што се јавува и како причина за семејно насилство.

-Во 2014 и 2015 година имало најголем број нови вработувања во јавниот сектор, а конкретен пад на нови вработувања се бележат во 2017 и 2018 година. Генералниот заклучок е дека наместо рационализација на јавниот сектор, постојано е во тренд зголемување на бројот на вработените. Сето ова води во насока на размислување дека постапката за вработување во јавниот сектор и натаму има политички влијанија, стои во презентацијата на проектот.

Се нотира и дека дел од вработените во јавниот сектор имаат различни плати за исти звања. Раководител на сектор во јавна установа (болница) зема 30.000 денари, во самостоен државен орган 37.630, во јавна установа театар 29.464, а во друг национален театар 36.954 денари. Советник во ОУ зема 24.983 денари, во општина 26.254, а во болница 25.500 денари. Соработник, пак, во општина зема 23.607 денари, во МНР 17.734, а во болница 25.000.

Според Транспаренси и ДКСК, се потврдува тезата дека измените и дополнувањата на правилниците за систематизација на работните места се вршат непосредно пред распишување оглас, а кандидатите често ја менуваат својата националност за да можат да се вработат во јавен орган.

Истражувањето констатира и дека постои потреба од донесување закон за плати во јавниот сектор во кој, пред се, треба да се внимава на бројот на бодовите за одредени звања и на висината на бодот. Треба да се внимава и на сложеноста и обемот на извршување на работните задачи, како и на бројот на извршители на одредено работно место.

– Од спроведените активности констатиравме дека станува збор за исклучително комплексна материја, за која во практиката не постојат доволно информации. Така на пример во една институција може да има повеќе видови вработени чии права и обврски се уредуваат со посебни прописи, од кои едни се сметаат за административни службеници, едни за даватели на услуги, други за техничко-помошни лица, наведуваат Транспаренси и ДКСК.

Генералниот заклучок е дека во земјава досега се преземени бројни чекори со кои се изврши хармонизацијата на службеничкото законодавство со европските принципи и стандарди. Сите прземени мерки и активности како и донесувањето на Стратегијата за реформа на јавна администрација за периодот од 2018-2020 се оценуваат како позитивни и од страна на Европската комисија во последниот Извештај за напредок. Но, и покрај се, нотирани се уште точки на кои треба да се работи во иднина.

-Во рамки на јавната администрација е неопходно да се воспостават правни, но и практични механизами преку кои ќе се уреди процесот на вработување и напредување. Овие механизми мора да се засноваат транспарентност и отвореност на постапките, како и на принципите на вредности со цел да се одберат најдобрите кандидати. Во спротивно, непотизмот и партиската припадност повторно ќе доминира при вработувањето во администрацијата, укажува претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.

Само преку јакнење на интегритетот на институциите и на вработените, преку намалување на дискрецискито овластување и преку афирмирање на механизмите за пријавување за незаконитости во постапки за регрутирање кадри, може да влијаеме кон намалување на клиентелизмот, непотизмот и кронизмот во постапките за вработување во јавниот сектор, порачуваат Транспаренси и ДКСК.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.