Вкупно 137 лица позитивни на коронавирус се пријавиле за гласање на предвремените парламентарни избори, а Државната изборна комисија добила пријави за гласање и од 3.138 болни и немоќни лица.

Оваа состојба е заклучно со вчерашниот ден, а пријавувањето е отворено до вечерва на полноќ. Тие ќе може да гласаат дома, а за нив ќе бидат формирани посебни тимови во кои ќе има и здравствени работници.

Од Државната изборна комисија известија дека од вкупно 300 здравствени работници, кои треба да бидат вклучени во изборниот процес, добиле 100 барања за изземање од разни причини. Барањата им се прифатени на 80 здравствени работници.

Имаме мал проблем за изборот на здравствените работници. Од веќе избраните, 80 донесоа медицинска или друга документација со која потврдуваат дека не може да учествуваат во изборниот процес. Сега пак ќе ги менуваме, ќе избереме нови по случаен избор – велат од ДИК.

Изземените здравствени работници донеле документација за хронични болести, некои биле пензионери, а меѓу избраните имало и такви што не може да се најдат на пријавените адреси. ДИК работи на собирање податоци за пополнување на тимовите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.