Во големиот пожар што избувна на 2 август во селото Отошница, Општина Ранковце и пожарите случени истиот ден на подрачјето на Крива Паланка, опожарена е вкупна површина од околу 225 хектари, најголем процент борова шума.

Пожарите беа локализирани истиот ден, ставени под контрола вчера рано изутрина, но пожарот во Ранковце кој беше обемен, синоќа и утринава повторно се активирал.

Во големиот пожар во Ранковце, кај Отошничка брана, селата Длабочица и П’клиште, кој зафати куќи и домот во Отошница, направена е голема материјална штета. Опожарена е површина од 202 хектари, од кои 15 хектари борова култура. Во овој пожар покрај пожарникарите, се вклучија и 21 лице од вработените во ЈП Македонски шуми. Штета е предизвикана и во останатите пожари во Кривопаланечко, каде се опожарени објекти, но и шума и овошни култури, изјави Ивица Митовски, директор на ПШС “Осогово” при ЈП Македонски шуми.

Во пожарот во кривопаланечките села Дренак и Лисец, кај месноста Момин дол, пожарот се случил околу 14 часот на 2 август, а опожарена е површина од околу 0.15 хектари, на приватен имот.

Во месноста Крива Река и Станечка Река, во село Варовиште опожарени се осум хектари овоштарници, приватни ниви и ливади, а во друг пожар од втори август кај резервоарот на Јавното претпријатие Комуналец, во село Варовиште опожарена е површина од 0.03 хектари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.