Денеска сите го чувстввуаме резултатот од игнорирањето на предупредувањата на опасностите кои се закануваат по стабилноста на Република Македонија и по суверенитетот на граѓаните на Република Македонија, констатира вечерва претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, кој во 17 часот ѝ се обрати на македонската јавност.

Претседтелот рече дека одлучил да ѝ се обрати на јавноста за да ги разобличи сите лаги, конструкции и црни сценарија за наводната вмешаност на Кабинетот, Армијата на Република Македонија и Агенцијата за разузнавање во настаните околу 27 април.

Во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, никогаш не се разговарало, ниту се размислувало за прогласување на воена, или вонредна состојба.

Со тоа ги отфрлам и сите шпекулации дека меѓународната заедница вршела каков било притисок врз мене да отстапам од некаков наводен план за прогласување на воена или вонредна состојба. Во овој момент, јавно ги повикувам странските претставници, да излезат и да ги посочат тие кои ми вршеле притисок.

Сценарио за воена и вонредна состојба немало, освен ако во Република Македонија не функционирал паралелен Врховен командант на вооружените сили и паралелен Генералштаб на Армијата на Република Македонија.

Вистинското прашање е кому во тие моменти му одело во прилог да го злоупотреби Кабинетот на Претседателот и да креира лажна перцепција за прогласување на воена или вонредна состојба.

Оние кои ме обвинуваат и создаваат лажни вести со цел да ја делигитимираат институцијата Претседател, ги упатувам на член 124 од Уставот, каде стои дека воена состојба настапува кога претстои непосредна воена опасност од напад врз Републиката, кога Републиката е нападната, или и е објавена војна. Согласно член 125 од Уставот, вонредна состојба настапува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии. Почитувани мои граѓани, на 27 април немавме ништо од ова.

Претседателот Иванов рече дека тој како Претседател на Република Македонија и неговиот Кабинет се постојана мета на лажни вести и лажни конструкции, со цел по секоја цена да не вмешаат во настаните од 27 април.

Од 21 април 2017 година, без никакви докази и индиции се обвинува Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. Се вршат притисоци и закани кон мене, со цел да потклекнам и да отстапам од моите ставови во врска со политичките случувања во Република Македонија и политиките кои ги спроведува актуелната Влада. По кој знае кој пат повторувам дека нема да отстапам од моите ставови.

Деновиве сме сведоци дури и на лажни искази дадени во судскиот процес за настаните од 27 април.

Прво, сакам да укажам дека за давање лажен исказ пред Суд, кривично се одговара. Второ, ги охрабрувам сите оние кои ме обвинуваат слободно да се обратат до надлежните институции, Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање и други институции кои се споменуваат, и да побараат веродостојни информации за планските и дневните активности на секој старешина, командант и војник.

Иванов ги повика  Министерството за одбрана, Армијата на Република Македонија, Агенцијата за разузнавање, Управата за безбедност и контраразузнавање да одговорат на прашањата каде биле одговорните лица на 27 април или претходно, и дали постојат какви било административни записи за подготовки на некакви сценарија за воена или вонредна состојба.

Сакам да потсетам, дека во врска со настаните од 27 април, Кабинетот на Претседателот и Агенцијата за разузнавање ги доставија сите извештаи до Основното јавно обвинителство.

Од сето она, што во изминатиов период пишуваа дел од медиумите, ништо не излезе дека е вистина, а истовремено обвинителката Вилма Рускоска јасно потврди дека Јавното обвинителство нема докази за вмешаност на Кабинетот на Претседателот во настаните од 27 април.

Генералштабот на Армијата на Република Македонија, исто така, демантираше инволвираност во настаните од 27 април и повика на транспарентност во доставување на информации во врска со овие настани. Исто така, и Агенцијата за разузнавање, најостро ги осуди сите обиди за вмешување на Агенцијата во конструкции и лажни вести.

Иванов јавно праша дали исказите на обвинетите се порелевантни од тврдењата на надлежните институции и носителите на јавни функции.

Во периодот кога деновите пред доставување на официјална покана за членство во НАТО се одбројуваат, кому му одговара, да ја деградира Армијата која го ужива најголемиот углед меѓу вас граѓаните, но и која што единствената институција за која нема забелешка во исполнувањето на критериумите и стандардите на НАТО.

Иванов потсети дека уште пред две години укажал дека УБК е главното жариште на генерирање на сите политички и безбедносни кризи во Република Македонија. И по три години од дијагнозата на Прибе, болеста не е отстранета.

Ако УБК се дрзнува без никакви основи да ги следи активностите на мојот Кабинет и да ме става мене како Претседател во службени белешки кои опишуваат непостоечки настани, се плашам од помислата што сè се случува во оваа институција и како се креираат извештаи со фиктивни извори за да се постигне определена цел. Со планиран истек на калисфицирани податоци се гради лажна перцепција за на крај да се конструира судско-полициски случај. Од друга страна, сакам да потенцирам и дека во изминатиов период сме сведоци на неказнивост по планирано истекување на класифицирани документи од УБК, за што ги повикувам надлежните институции да дејствуваат и санкционираат ваквите појави, кои ја загрозуваат националната безбедност. На крајот, констатирам, дека ова не е ништо друго освен класична хајка и линч, со очајно смислено сценарио против мене, мојот Кабинет и наведените институции. Ве уверувам дека со нарачани лажни искази и генерирање лажни вести нема да се прикрие реалноста и вистинските нарачатели на настаните од 27 април. Кабинетот на Претседателот не е дежурна служба за давање алиби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.