Како еден навидум обичен предмет, од оние на Т, на СЈО стана правосуден приоритет разговараме со адвокатот на еден од обвинитетите во случајот, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, Еленко Миланов.

ТНТ

Случајот ТНТ беше најавен во април 2016 година, а во него се работи за злоупотреба на службената функција и овластувањата. Според обвинението, поранешниот премиер Никола Гриуевски и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески побарале од градоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски незаконски да го урне објектот Космос на Фиат Цаноски. Во случајот обвинета е и градежнта инспекторка од општина Гази Баба.

Уште пред Нова година Миланов најави дека по празниците ќе поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба и лажно претставување. Во меѓувреме поротничката Кочковска, која освен во предметот ТНТ, е поротничка и во уште неколку случаи на СЈО, поднесе оставка, која не ѝ беше прифатена; Кривичниот суд влезе во преписка со одбраната, во која главно ја префрла вината на бранителите во ТНТ по повеќе основи; прераспреден судија во друг оддел ќе остане на предметите на СЈО за да не се вратат од почеток (судијката Џенета Бегтовиќ, која суди два од предметите на СЈО, “Таргет-Тврдина” и “Трезор”, е прераспоредена од организиран, во кривично полнолетни, а претседателот Џолев вели дека судијката Бегтовиќ ќе ги доврши овие предмети, со што се избегнува можноста судењата да се вратат од почеток, н.з.), а претходно, пак, судењето за „Тортура“ се врати од почеток поради отказ на поротник… Што се случува во Кривичниот суд?

Какви чекори презема одбраната, дали поднесовте кривични пријави и кој сè ќе биде опфатен во поднесокот?

Миланов: Кривичниот суд со последното соопштение од 10 јануари 2020 година за различниот третман за две поротнички во два различни предмети во суштина призна дека одбраната била во право со своето барање поротничката Лилјана Кочковска да не може да постапува во ниту една судска постапка поради истекот на нејзниот мандат од четири години. Сметаме дека доколку на 13 јануари поротникот Лилјана Кочковска присуствува на рочиштето, ќе се исполнат законските претпоставки да се смета дека е сторено кривично дело, со што ќе видат преземени дејствија евентуално со поднесување кривични пријави. Во однос на кого и кога ќе бидат евентуално поднесени пријави, ќе се одлучи веројатно во текот на 13 јануари.

За ваквите случувања веќе се известени повеќе институции од правосудството и претставништва на меѓународната заедница со укажување за непринципиелното постапување спротивно на законските прописи во РСМ со инсистирање судија поротник на кој му е истечен мандатот за кој е избран да продолжи да постапува во предметот.

Киро Здравев, претседател на Судскиот совет

Каква е улогата на Судскиот совет во оваа мешаница? Каква е процедурата што треба да ја помине Судскиот совет за да го констатира истекот на мандатот на поротничката? Што откако пресудата ја донесе судечки совет кој нема мандат за донесување одлуки?

Миланов: Донесување на пресуда од судечки совет кој е неправилно составен со учество на судија-поротник кој нема мандат, а со тоа ниту својството на судија-поротник претставува суштествена повреда на чл. 415 ст.1 т. 1 од ЗКП што од своја страна претставува апсолутен основ за укинување на прсудата од повисоките судски инстанци по поднесени жалби. Така, наместо ефикасност на постапкта се предизвикува сосема спротивен ефект на развлекување на постапката токму поради несоодветното постапување на судот. Во насока на ваквото тврдење постојат и повеќе судски одлику донесени од Апелационите судови и Врховниот суд на РСМ.

Сметам дека во конкретниот случај преседателот на Основниот кривичен суд Скопје е првата алка која може да ја расчисти оваа мешаница на начин што ќе го извести судечкиот совет дека на поротничката ѝ истекол мандатот како тоа што го сторил кај судечкиот совет кој постапува во предметот за сообраќајната несреќа кај с. Ласкарци со назначување на нов судија-поротник кој ќе постапува во предметот ТНТ.

Судскиот совет е втората алка која може и мора да ја расчисти оваа мешаница затоа што истиот избира и РАЗРЕШУВА судии и судии-поротници со донесување формални одлуки во писмена форма. Но, тука морам да напоменам дека во конкретниот случај со истек на мандат, односно завршување на мандат на судија-поротник Судксиот совет не донесува никаква формално правна одлука со оглед да истекот на мандататот е факт на протек на време во кое избран функционер може да ја извршува функцијата. Дури и да го констатира фактот на истек на мандатот, Судскиот совет за тоа не носи никаква формална или писмена одлука, а констатцијата мора да биде дека мандатот истекол со протекот на времето на мандатот, а во конкртниот случај тоа е до 24.12.2019 година. Според Законот за судовите и Законот за судскиот совет не е предвидена никаква посебна процедура за констатирање на истек на мандат, туку постојат само процедури за РАЗРЕШУВАЊЕ кога за тоа се исполнат законски претпоставки од Законот за судови. Спротивно за да некој може да биде избран за судија-поротник, постои постапка согласно на која се донесува писмена одлука за изборот и почетокот на функцијата со наведување на лицата на кои се однесува тој избор која Одлука се објавува и во Службен весник на РСМ.

Сметам дека Судскиот совет во конкретниот случај е најповикан да го извести преседателот на судот дека поритничка со истечен мандат не може да постапува во ниту еден судски предмет како единствено законски засновано разрешување на конкретната состојба.

Барањето на претседателот за продолжување на мандатот на поротничката Лилјана Кочковска нема никаков законски основ. Прво оваа поротничка е на возраст над 60 години, со што не може ниту да конкурира ниту да биде избрана како судија-поротник. Второ ниту еден Закон не познава продолжување на мандат на судија-поротник туку само избор за определен законски предвиден рок на важење на мандатот или разрешување со исполнување на посебно пропишани законски услови. Трето за избор на лице за судија-поротник се спроведува постапака со оглас и процедура која завршува со Одлука за избор, а не на барање на преседател на суд или било кое друго лице од правосудните или државни институции.

Иван Џолев, претседател на Основниот кривичен суд – Скопје

 

Зошто токму случајот ТНТ се испрофилира во приоритетен покрај десетици случаи на СЈО, Монструм, на пример?

Миланов: Во однос на вашето прашање зошто токму предметот ТНТ е одбран како приоритетен, одговорот навистина би морале да го побарате во Основниот кривичен суд Скопје. Овој предмет со ништо не е позначаен или понезначаен од било кој друг предмет кој го има проблемот со учество на истиот судија-поротник во предмет. Дали за тоа може да се бара причина во фактот дека пред истиот суд постоеше предмет за кривично дело бесправно градење на објектот „Космос“ кој по поднесено и одобрено обвинение од Основното јавно обвинителство Скопје во фаза на закажан главен претрес е преземен од СЈО со писмено известување за преземање на предметот во надлежност и за неколку дена без увид во списи на предметот или одржана главна расправа е доставено повлекување на обвинителниот акт од СЈО, состојба која е надвор од секоја судска пракса или законски основ, не би можел да знам или тврдам. Сепак, станува збор за судски преседан кој не сум го сретнал во својата пракса која трае повеќе од 30 години во кривични предмети.

Од друга страна, може да биде симптоматичен фактот дека обвинетиот во тој предмет Ардијан Амзовски е потписник на Договор за градење на стречки домови со Меѓународниот сојуз, каде преседател е Борјан Јовановски – Боки 13 обвинет во предметите познати како „Рекет“ со исплата на повеќе од 200.000 евра, па приоритетот е завршување на предметот ТНТ пред исказ на обвинетите во предметите „Рекет“ може да биде само предмет на шпекулација за која сепак одговорот треба да го побарате во Основниот кривичен суд Скопје.

Навистина не би сакал да верувам како легалист дека сето тоа може да биде каков било политички интерес во инсистирање на завршување на предметот ТНТ со надеж дека сепак судството во нашата држава не спаднало на толку ниско ниво.

Дали навистина постапката ќе биде ефикасна ако две недели катадневно се одржуваат рочишта? Што подразбира ефикасна постапка?

Миланов: На прашањето дали навистина постапката ќе биде ефикасна доколку се одржуваат рочишта две недели катадневно, лично сега навистина не можам да ја видам ефикасноста на која се инсистира. Станунва збор за постапка која има голем број докази, голем број на сведоци и вешти лица за кои е потребна подготовка како од страна на странките обвинителството, обвинетите и одбраната исто така и од самиот судски совет.

Посебно ако се има предвид дека постојат повеќе од 30 судски одлуки на редовните судови во сите судски инстанци или управните судови во сите управно-судски инстанци како и одлуки на управни органи првостепени и второстепени кои завршиле со утврдување на факти дека објектот „Космос“ се гради надвор од одобрениот проект и издаденото Одобрение за градба.

Во вакви услови на огромен број докази, сметаме дека не може да има ефикасна постапка со одржување на секојдневни главни расправи со расчистување на сите правнорелевантни факти за донесување на правилна и на закон заснована судкса пресуда. Пренапрегнатоста на постапката според мое лично убедување може само да доведе до недоволно расчистување на сите правнорелевантни факти за донесување на правилна судска пресуда заснована на вистинската содржина на доказите кои се изведуваат.

Ефикасна постапка претставува постапка во која сите странки во постапката ќе имаат доволно простор и време да ги изнесат сите свои аргументи во поткрепа на својата страна со укажување и изведување на доказите за поткрепа на своите тврдења со презентирање на сите правно релевантни факти пред судечкиот совет за да може да донесе правилна и на закон заснована одлука која поради својата правилност би можела да биде потврдена од повиоките судски инстанци по повод на поднесени жалби од странките. Секое постапување со пресија само на времето во кое ќе биде донесена судска пресуда без расчистување на сите факти од значење за таквата одлука, кои во голем број случаи довеудваат до повторни судења поради нерасчистени околности значи само одолговлекување на постапката, а не ефикасно постапување или ефикасна постапка.

Дали може да зборуваме за ефикасна постапка кога поради сторени пропусти сега повторно се суди предметот „Монструм“, кој поради сторени повреди во избрзана постапка сега е укинат и вратен на повторно одлучување, дали може да зборуваме за ефикасна постапка во предметот „Титаник 2“, кој сега е укинат и вратен на повторно одлучување.

На крајот дали ќе можеме да зборуваме за ефикасна постапка во предметот ТНТ ако законска претпоставка дека предметот поради непрописно составен судечки совет со учество на судија-поротник кој нема мандат и својство на судија-поротник во момент на донесување на судската одлука поради што би морало да се врати на повторно одлучување.

Повторно ќе истакнам дека не сакам да верувам дека сето ова може да биде предмет на  какво било вмешување на лични или политички интереси на грб на судскиот систем како трета власт неопходна за опстојување на една држава и нејзината државност.


Разговараше: Катерина Митиќ

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.