Богата кариера во Армијата, но не е цивилно лице – со овој коментар настапи премиерот во заминување Зоран Заев по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во врска со предлогот на Мицкоски за технички министер за внатрешни работи.

Иако двајцата лидери на најголмите политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не го соопштија името, медиумите веќе објавија дека се работи за полковникот Драган Ковачки, командант на 1. механизирана пешадиска бригада во АРМ.

Имајќи предвид дека Мицкоски даде изјава и не соопшти име, јас само ќе кажам дека за министер за внатрешни работи е предложено воено лице и оттука сега излегува дилемата дали Уставот согласно член 97, Законот за служба во Армијата и Законот за Министерството за внатрешни работи тоа го дозволуваат. За ова ќе се консултураме со нашата стручна јавност, владината стручна експертиза, а ја повикуваме и јавноста да даде свој став. Убаво е транспарентно да си ги искристализираме ваквите работи. Се јавува и една дилема, за минатите времиња, за Силјан Аврамовски, Митко Чавков или други имиња, тие се овластени лица, тоа не значи дека овластено лице не е цивилно лице. Овде е проблемот што е воено лице, а Уставот прецизно има определено дека со одбраната и со полицијата раководи цивилно лице коешто било цивилно лице најмалку три години. Може да има минато како воено лице кандидат, ама барем последите три години да бил цивилно лице, како пензиониран генерал-полковник и потполковник. Немаме никакви предрасуди, тоа е право на опозицијата и тие треба да си го кандидираат. Јас ова има првпат го слушнав, но секако Уставот и законите треба да важат во државата, рече премиерот во заминување по средбата со Мицкоски.

Веднаш по него побрза и министерката за правда Рената Дескоска со коментар на Фејсбук.

Селективниот пристап на СДСМ кон Уставот во јавноста создава револт. Реакциите на минситерката за правда Рената Дескоска веќе се оценети како лицемерни, а јавноста не пропушти да ја потсети дека две и пол години, односно 30 месеци во заменик-министер во Министерството за одбрана е човек кој доаѓа од структурите на одбраната. Ваквиот одбранбен став на Заев и Дескоска претставува очигледен страв од изборен пораз и последен обид пред 3 јануари Заев да ја повлече ветената оставка и да не се соочи со народот.

Нивната реакција во јавноста веќе се толкува како разоружување со аргументи, па не можејќи да му најдат црна дамка во кариерата на предложеното кадровско решение, Заев со поддршка на Дескоска влегува во правни толкувања на Уставот.

Професорката по уставно право Гордана Силјановска – Давкова се сложува дека во членот 97 од Уставот јасно е наведено дека лицето кое ќе раководи со МВР или со Министерството за одбрана треба да биде цивилно лице најмалку три години пред изборот, но таа, исто така потсетува дека изборот на Ковачни не би бил преседан, туку еден од низата преседани кога на чело на МВР или МО застанало лице кое произлегува од полицијата или пак армијата.

На предложениот кандидат за технички министер нема забелешка уште една професорка од истата катедра со Дескоска и Силјановска- Давкова, професорката по уставно право Тања Каракамишева. За неа е сосема исправно, и покрај членот 97, на чело на полицијата да дојде професионалец, наместо криминалец.

Убаво е да почне пракса на ангажирање луѓе во политиката со богати CV во својот професионален живот, луѓе докажани и признати дома и во странство, смета Каракамишева.

Неуставни назначувања на министри на полицијата по логиката на Заев

Ако тргнеме по толкувањата на Зоран Заев, тогаш неуставни биле и претходните назначувања за министри на полицијата: Митко Чавков, Силјан Аврамовски, но и сегашниот предлог на СДСМ за технички заменик-министер на МВР Славјанка Петровска, која како и Чавков и Аврамовски доаѓа од структурите на полицијата.

Славјанка Петровска, шефица на кабинетот на Оливер Спасовски, ќе биде дополнителна заменик-министерка за внатрешни работи на предлог на СДСМ, (во средина)

Силјан Аврамовски од 2002 година бил на функцијата помошник-началник на Втората управа за спротивставување на меѓународен и внатрешен тероризам во Службата за државна безбедност, а по оваа функција тој станал началник на Управата за контраразузнавање во ДБК, како и помошник-директор за оперативни работи на Управа за безбедност и контраразузнавање. По повеќегодишна работа и напредување во ДБК и УБК, од 3 февруари 2003 Аврамовски ја вршел и функцијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Од 2 јуни 2004 до 17 декември 2004, Аврамовски бил министер за внатрешни работи на Македонија.

Зоран Иванов беше полковник кога стана директор на Агенцијата за разузнавање во 2017 година. Во соопштението за неговото назначување од Кабинетот на претседателот на Република Македонија беше нагласено дека тој е „професионален кадар на Министерството за одбрана и оти досега ја извршуваше функцијата началник на военото разузнавање во рамки на службата за воена безбедност и разузнавање. Тој е и активен воен персонал со борбено искуство во извршување на операции во земјата и меѓународните одбранбени мисии во странство. Покрај борбеното искуство, специјалист е за специјални операции и психолошко војување“.

Зоран Иванов, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање

Беким Максути стана заменик-министер за одбрана директно од позиција во АРМ.

Павле Трајанов, бил вработен во МВР од 1977 година и извршува значајни работни должности и кариерата ја завршува како министер за внатрешни работи, пишува во неговата биографија. Во 1998-1999 година раководи со МВР (министер за внатрешни работи).

Љубе Бошкоски на суд (фото: Република)

Љубе Бошкоски бил именуван за заменик на директорот на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (ДБК) во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. На 31 јануари 2001 година бил именуван за државен секретар во МВР. За време на вооружениот конфликт од 2001, на 13 мај 2001 година бил назначен за министер за внатрешни работи на Република Македонија во широката владина коалиција.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.