Адвокатот Трајче Арсов од Велес до „Република“ упати демант и барање за извинување во врска со текстот објавен на 18 септември 2019 година, насловен „Адвокатот на Кирацовски е бизнисменот кој ја хакнал Фејсбук страницата ‘Ветераните за Трамп’“. Република го пренесува демантот во целост и покрај тоа што тој не содржи конкретни негирања на било кој елемент од објавениот текст.

Впрочем, се работи верно пренесен извадок од текст објавен од страна на американскиот весник Вашингтон пост, каде детално, со поголем број наведени извори, вклучително  и самиот адвокат Трајче Арсов, се претставуваат елементи од спор околу раководењето со влијателна Фејсбук група наменета за американски ветерани. Ова не е првпат адвокатот Арсов да биде посочен во американските медиуми за неговите зделки поврзани со Фејсбук групи во САД, како и да се посочи дека преку групите кои ги откупува или превзема се шират непроверени и неточни информации – лажни вести. Сметаме дека е во интерес на јавноста да знае дека вакви сомнежи се објавуваат во масовно читани списанија во САД за адвокат кој во Македонија повеќе пати застапува висок функционер на владејачката партија СДСМ – Александар Кирацовски – во неговите обиди да се замолчат и запре објавувањето на критички информации за пратеникот на СДСМ. Особено во време кога партијата СДСМ се обидува да наметне строга регулатива против медиуми за кои, користејќи ги алатките на власта, сака да ги прогласи за „ширачи на лажни вести“.

Република, и други критички медиуми, добиваа вакви барања за демант и извинување од пратеникот Кирацовски, со посредство на адвокатот Арсов, во ситуации кои пренесувавме информации објавени од очигледно добро информирани лица, на Фејсбук и во други медиуми, во кои се пренесуваа сомнежи за незаконско богатење на пратеникот и негова наводна поврзаност со најголемиот корупциски скандал во Македонија во моментов, „Рекет“. Сметаме дека, како што пратеникот Арсов го користи своето право да објавува информации наменети за американските читатели преку Фејсбук групи, и Република треба да има непречено право да пренесува критички информации за неговите активностиобјавени во американски медиуми како Вашингтон пост, како и да објавува наводи за корупција во редовите на власта во Македонија – наводи кои, ако се суди со текот на истражните постапки во Македонија, се значително подобро поткрепени од вестите кои интернет страници и Фејсбук групи поврзани со адвокатот Арсов ги објавувале во САД.

Демант и барање извинување

На ден 18.09.2019 година на интернет порталот www.republika.mk имате напишано и објавено наслов „Адвокатот на Кирацовски е бизнисменот кој ја хакнал Фејсбук страницата „Ветераните за Трамп“ опремен со лична фотографија превземена и реобјавена без моја дозвола, кој содржи невистинити тврдења за факти.

Го демантирам насловот во целост како невистина, истиот претставува очигледна клевета и вешт обид за манипулација со читателите, а содржината во статијата не кореспондира со насловот.

Имам голема почит кон слободата на изразување на секоја индивидуа вклучително и вашата, меѓутоа таа слобода не смее да оди на штета да ја повредува честа и угледот на други индивидуи со изнесување клевети.

Барам да биде објавен демант и барањето за извинување без ваши дополнувања на начин што од насловот може да се види дека се работи за демант и извинување, во спротивно ќе биде покрената судска постапка за граѓанска одговорност поради клевета и надомест на материјална и морална штета за повреда на авторски права со неовластена објава на лична фотографија.

Демант и извинување да биде објавено во рок од 48 часа од приемот на ова писмено, согласно чл.13 ст.3 од Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.