Ако ги погледнете имињата низ целата територија на Република Северна Македонија не секогаш се ставаат имиња на училишта од писатели, нобеловци, академици, има и имиња на комити. Ова е ставот на министерот за образование Арбр Адеми прашан зошто училиштето „Рајко Жинзифов“ е преименувано во Имри Елези, загинат припадник на ОНА во војната во 2001 година.

Адеми ја даде изјавата пред преименуваното училиште, каде од денеска наместо таблата со „Рајко Жинзифов“ стои табла со името „Имри Елези“.

Според Адеми, имињата на училиштата не треба да се политизираат, туку да ја рефлектираат волјата на граѓаните, родителите и на учениците.

– Ако ги погледнете имињата низ целата територија на Република Северна Македонија не секогаш се ставаат имиња на училишта од писатели, нобеловци, академици, има и имиња на комити. Имињата на училиштата не ги определуваат владата или министерот. Иницијативата започнува од училишниот одбор. Ова прашање се решава со статутот на училиштето, а предлагач на Статутот е училишниот одбор, потоа треба да добие одобрение од општинскиот Совет и од министерот за образование. Министерот дава согласност на статутот -рече Адеми на новинарско прашање зошто училиштето е именувано по припадник на ОНА.

Преименувањето на училиштето беше одбележано со културно-уметничка програма на која покрај министерот присуствуваа претседателот на Собранието Талат Џафери, вицепремиерот Бујар Османи, пратениците Артан Груби и Ејуп Алими, ексградоначалникот и актуелниот градоначалник на Чаир Изет Меџити и Висар Ганиу.

Таблата со новото име на припадникот на ОНА беше откриена со државното и со знамето на Албанија. На присутните во училиштето им се обратија Талат Џафери, Бујар Османи, Арбр Адеми, Изет Меџити и Елез Елези од семејството на Имри Елези.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.