Вчерашната средба во Скопје на премиерто Заев и Драган Ѓилас, еден од водачите на српската опозиција, беше повод за жестока реакција на српскиот министер за одбрана Александар Вулин. Тој во изјава за Вечерни новости ја обвини Македонија дека станала центар на разузнавачки активности за уривање на власта во Србија.

Скопје стана она што некогаш беше Будимпешта, центар на разузнавачките активности против Србија, простор каде се обезбедува финансирање и поддршка на шпионите од целиот регион. Цврстиот став на претседателот Вучиќ, дека Србија нема да ја прифати власта на амбасадорите го доведоа да биде постојано изложен на нападите на службите. Скопје стана простор од кој доаѓаат и ќе доаѓаат нападите врз Србија и претседателот Вучиќ, вели Александар Вулин, Министер за одбрана на Србија.

За средбата во Скопје, од македонската Влада немаше ниту официјална најава ниту соопштение по нејзиното одржување, иако според соопштението на опозицискиот Сојузот за Србија, стои дека Ѓилас во земјава пристигнал на покана на премиерот Заев.

На средбата, Ѓилас го запозна Заев со актуелната ситуација во Србија, како и со двомесечните граѓански протести. Тргнувајќи од тоа дека делат исти социјалдемократски вредности, Заев и Ѓилас договорија соработка помеѓу СДСМ и организацијата која ќе ја формира Ѓилас во следниот период- Сојуз за Србија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.