Министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, му порача на Стево Пендаровски дека темата како Србија ќе го реши проблемот со Косово не е тема за него и дека како што молчи за Голема Албанија, треба да молчи и за Србија, пренесува РТС.

Ваквата реакција на Вулин доаѓа по изјавата на Пендаровски дека грозна е идејата за размена на територии помеѓу Косово и Србија и дека идејата за корекција на границите меѓу Белград и Приштина е незамислива.

Пендаровски малку се прашува за иднината на Северна Македонија, а сака да се прашува за Србија. Како Србија ќе си го реши својот внатрешен проблем не е тема за претседателот на Северна Македонија, нашиот јужен сосед. Ако идејата за разграничување е „грозна и недостојна за 21 век”, тогаш би можел да го повлече признавањето на Косово од почетокот на 21 век или да ја осуди НАТО агресијата на СРЈ од крајот на 20 век, која доведе до етничко чистење на Србите од Косово и Метохија, изјави Вулин.

Српскиот министер додава дека Пендаровски ѝ должи на Србија почитување, но на сопствениот народ уште повеќе му должи да каже што мисли за идејата на Тачи и Рама за обединување на Албанците во „голема Албанија“.

Пендаровски веројатно забележал дека на мапата на „голема Албанија“ е половина од Северна Македонија. Ако не ја видел таа мапа, тогаш нека му ја покаже претседателот на Собранието Талат Џафери, тој со задоволство таа мапа ја покажува и пред камерите. Ако молчи за Голема Албанија, слободно нека молчи и за Србија, изјави Вулин.

Пендаровски во петокот изјави дека идејата за разграничување на Србија со Косово може да биде идеја за експерти, новинари, но не и за одговорни политичари, бидејќи е неодговорно да се зборува за една идеја која во суштина е грозна, односно да се зборува за размена на население и територија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.