Сопственици и закупци на дуќани во Градскиот трговски центар (ГТЦ) обвинуваат дека директорот Ѓоко Трајчевски и неговата заменичка Валентина Бајрам вработуваат свои роднини и пријатели на привилегирани позиции. Трајчевски не ги крие роднинските врски со дел од вработените, но посочува дека обвинувањата се тенденциозни, а клеветниците не ги гледаат неговите успеси како директор на ГТЦ.

Според закупците и сопствениците на дуќани, Трајчевски освен што вработил свои роднини и пријатели им дал и високи позиции.

Предраг Николиќ, баџанак на директорот е примен за директор на обезбедување и хигиена. Филип Тортевски, кум на директорот, вработен е како личен возач на директорот, а колата секој ден по 16 часот и за викенди ја вози дома. Влатко Ацковски, прв братучед на директорот е унапреден од лифтаџија во директор на компјутерски центар, без искуство и соодветна школска подготовка – тврдат сопственици и закупци на дуќани во ГТЦ.

Тие обвинуваат дека заменичката на директорот Валентина Бајрам, која е ќерка на Амди Бајрам, ги вработила внукот и снаата за нејзин возач и секретарка.
Сопствениците на дуќани во ГТЦ сметаат дека е непотребно зголемен бројот на вработени, а раководството недомаќински управува со нивните пари.

ГТЦ се финансира од нашите пари без денар буџетски средства. Со нашите преку 200 милиони денари во 2018 година а.д. Градски трговски центар треба да обезбеди професионално и добро функционирање на службите и Друштвото. Но од тоа добивме лошо и непрофесионално обезбедување, хигиена и техничко одржување (кучиња лежат пред дуќаните, грабежи, гулаби, мачки, стаорци по таваните, ѓубре по ходниците, течење на вода по дуќаните и ходниците…). Не станува збор за некаква модернизација и некакво разубавување – тврдат тие.

Директорот на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски, во изјава за Плусинфо не крие дека има вработено и унапредено роднини.

Да, го вработив Предраг Николиќ, кој е мој баџанак и Филип Тортевски, но тој не е мој кум. Влатко Ацковски е мој братучед, но е вработен веќе 15 години во ГТЦ. Валентина е ќерка на Амди Бајрам и е вработена пред моето доаѓање во ГТЦ, нема сопствен возач. Таа не се вози со кола од ГТЦ, и не знам кој ја вози приватно – вели Трајчевски.

Тој смета дека обвинувањата на сопственици и закупци на дуќани се тенденциозни, оти тие не ги гледаат постигањата што ги има тој како директор.

Делата кажуваат за моето работење. Набрзо ќе имаме зелен покрив, ги средив лифтовите, климите, а за кучињата скитници сме реагирале секаде, но не можеме да се справиме со здружението „Анима мунди“. Впрочем, тоа не е моја обврска. За глувците имаме постапка за дератизација и тоа ќе го средиме – вели Трајчевски.

Ѓоко Трајчевски е именуван за директор на Градскиот трговски центар во август 2017 година на местото на Аго Абазовски, кој пак на позицијата директор на ГТЦ дојде како член на партијата на Амди Бајрам.

Трајчевски е дипломиран инженер и пред да стане директор, 18 години бил раководител на одделот за одржување на ГТЦ.

 

извор:плусинфо.мк

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.