Резултатите од тестот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев се очекуваат околу 16 часот. Веднаш потоа Министерот Венко Филипче ќе одржи прес конференција да ги соопшти деталите, како и да информира за состојбата и актуелните прашања со коронавирусот во земјата, соопшти Министерството за здравство.

Утрово, на вонредна прес-конфренција министерот за здравство Венкоо Филипче соопшти дека лидерите на двете најголеми партии во Македонија, Христијан Мицкоски и Зоран Заев од денеска се во самоизолација бидејќи биле на телевизиско интервју кај новинар кој подоцна бил откриен дека е позитивен на Ковид-19.

На Мицкоски тестот е негативен, соопшти Филипче, а се уште се чекаат резултатите за Заев.

Подоцна телевизијата „Канал 5“ соопшти дека новинарот и уредник Гоце Михајловски, кој ги правеше интервјуата со Заев и Мицкоски е позитивен на Ковид-19.

Во моментов се одржува вонредна консултација помеѓу стручниот тим на Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести за да се утврдат следните чекори во однос на заштита и изолација во зависност од исходот на резултатот, велат од Министерството за здравство.

Министерството за здравство информира дека денеска од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби со два негативни теста на Ковид-19 се испишани 3 оздравени пациенти, двајца од Тетово и еден од Куманово. Два пати негативен и оздравен е пациент од Скопје кој се лекуваше во домашни услови.

Во изминатите 24 часа направени се рекордни 496 тестирања на Ковид -19, при што се регистрирани 48 нови случаи, позитивни на вирусот. По градови: Скопје -11, Куманово – 25, Штип -1, Прилеп – 4, Тетово – 1, Струга – 3, Охрид -1, Гостивар -2.

Со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со Ковид-19 во нашата земја изнесува 711 лица. Според местото на живеење, досега случаи на Ковид -19 се регистрирани во:
Скопје – 284
Куманово – 168
Дебар – 49
Штип-21
Прилеп –50
Тетово – 31
Струга – 33
Велес – 18
Битола –8
Охрид –4
Кавадарци – 3
Гостивар –6
Гевглелија – 4
Струмица – 2
Крива Паланка-3
Радовиш – 4
Крушево – 3
Кочани – 19
Пробиштип – 1

Од 496 тестирање, преку ИЈЗ се направени 353, преку Ветеринарен факултет –9, Авицена –14 , Биотек –24 и Фипил Втори (Жан Митрев) –96. Досега во земјата се направени 7.067 тестирања на Ковид-19.

Согласно извештајот на Институтот за јавно здравје, во денешната статистика ќе бидат евидентирани 2 претходно починати лица. Едно лице од Лабуништа – Струга (63г) за кое Министерството информираше на 5 април. Пациентот беше донесен во тешка состојба на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, а неговиот тест е изработен постмортем. Во денешната статистика на ИЈЗ ќе биде евидентиран и починатиот притвореник од Истражниот затвор во Шутка, за кој Министерството информираше во текот на вчерачниот ден, велат од Министеството.

Со тоа бројот на починати од Ковид-19 во Македонија е 32.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.