Неколку стотици основци од гостиварското училиште „Мустафа Кемал Ататурк“, во придружба на своите наставници, под турското знаме, упатуваат војнички поздрав во знак на поддршка на прекуграничната турска воена офанзива, која алудира на таа во Сирија, јавува Радио МОФ.

Фотографиите се споделени вчера на Фејсбук страницата на училиштето, а во појаснувањето стои дека на 17 октомври 2019 година, директорот, наставниците и учениците од основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ со овој чин даваат значајна поддршка на турската прекугранична воена офанзива.

Во коментарите под нив, пак, се дава отворена поддршка на владеењето на актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган.

Официјалниот број на гостиварското училиште е недостапен. Изостана одговор и на прашањето на Радио МОФ поставено на нивната ФБ страница, околу тоа за каков настан се работи и што научиле учениците од него.

Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари за Радио МОФ вели дека не е известен за случката, но додава дека општинските служби ќе реагираат за овој настан.

Мојот став е дека во училиштата не смее да има капка политика. Недозволиво е било каков вид на политички игри во училиштата. Како што знаете Министерството за образование и ги одзеде ингеренциите на Општина Гостивар во сферата на образованието. Директорот на училиштето е нов директор, назначен од Министерот за образование од пред два-три месеци. Јас ќе побарам од Секторот за образование при Општина Гостивар да разговараат со директорот, но ние сепак немаме ингеренции врз разрешување и поставување директори – вели Таравари.

И првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ остро реагира на ваквите информации.

На овој начин се врши манипулација и индоктринација на деца во училиштата во државата. Се користат децата за величање на воени интервенции наместо да ги учат на мирољубиви начини на трансформација на конфликти. Не ги информираат учениците за негативните последици од војните односно за статистиките на загинати деца во конфликтите, ниту за состојбите во кои се нашле децата чии родители загинале во воените конфликти и животот по загубата на родител, или, пак, за животот на родители по загубата на дете во воен конфликт -, велат од „Меѓаши“ за Радио МОФ.

Радио МОФ претпладнево побарало став за случајот од Министерството за образование и наука. До објавувањето на текстот не добиле одговор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.