По апелот за пријавување на македонски граѓани затекнати во странство и нивно евидентирање со цел враќање во земјата, како и по јавниот повик за организирање на авионски превоз, но и преку хуманитарни конвои, до сега (понеделник, 30 март, 14ч.) во организација на МНР е направена репатријација на 1842 наши државјани, соопштија од министерството.

Од нив, 1097 се репатрирани од 5 земји (Малта, Хрватска, Словенија, Германија, Австрија) со 7 авиони и тоа од: Валета, Загреб, Љубљана, Минхен, Берлин, Бон/Келн, Виена, а 150 граѓани со 3 хуманитарни конвои (автобуси и автомобили) од Црна Гора, Словенија и Истанбул. На 446 наши државјани им беше пружена помош од Министерството за надворешни работи преку насочување или обезбедување дозволи за нивно враќање дома преку аеродромите во Софија, Солун, Истанбул и Тирана.

Од МНР информираат дека со регулирана постапка во комуникација со српските органи, самостојни дозволи во посредство на МНР беа издадени на 145 македонски граѓани за да ги преминат српските граници како би се вратиле во земјата.

-За денес во вечерните часови е планиран лет за враќање на околу 160 наши граѓани од Базел според најавите, а согласно заклучоците на Кризниот штаб и Владата, МНР ќе излезе со дополнителни навремени информации за следните планирани активности, се велли во соопштението од МНР.

Оттаму додаваат дека министерството за надворешни работи, заедно со Генералниот секретаријат на Владата, Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство, како и другите надлежни органи кои се дел од овој исклучително сложен и деликатен процес, ќе продолжат со вложување на максимални напори при остварувањето на двата државни интереси – помош на граѓаните затекнати во странство и заштита на здравјето на граѓаните дома.

-Во духот на солидарноста и добрата соработка како со земјите од регионот, така и со земјите членки на ЕУ и НАТО, но и пошироко, овозможвиме репатријација и на повеќе од 400 странски државјани кои од Скопје се враќаат во своите земји, меѓу кои: Австрија, Австралија, САД, Чешка, Унгарија, Словачка, Швајцарија, Италија, Франција, Хрватска, Црна Гора, Косово, Малезија и др. На тој принцип им беше помогнато и на 4 наши државјани кои со чартер лет од Австрија беа пренесени од Перу до Виена, а Министерството и покрај првичниот фокус за репатријација на нашите граѓани затекнати во Европа, ќе продолжи со напорите за пронаоѓање начини за враќање и на оние кои се затекнати на другите континенти, во соработка со други земји и партнери од регионот и пошироко, стои во соопштението од МНР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.