Професорката Весна Јаневска која е претседател на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, во врска со новата концепција за реформи во образованието, вечерва во Дневникот на Сител телевизија истакна дека оваа концепција треба да се повлече, како и дека бројни се критиките од страна на експертската јавност.

Оваа концепција треба да се повлече, да се отвори една вистинска јавна дискусија, со стручни луѓе, со експерти, да се почне од базата, а не од врвот кон базата, за да може тогаш навистина да се преземе реформа во образованието, за која и лично и партијата се согласуваме дека е потребно, истакна Јаневска.

Јаневска истакна дека силни критики за концепцијата има од страна на Филозофскиот факултет, Институтот за географија, Здружението на историчари и географи, Здружението на информатичари, Сенатот на УКИМ, МАНУ и бројни други експерти поединечно, што значи дека треба сериозно да се размисли дали треба да се „турка на мускули“ оваа концепција.

Образованието е такво, какво што ни е општеството, доколку имаме висок степен на корупција во општеството, имаме неправедност и неказнивост, висок степен на криминал, во општество во кое се губат моралните норми, во општество во кое етиката сериозно е загрозена, не можеме да очекуваме образованието да ни е поразлично од тоа, критикуваше Јаневска.

Јаневска посочи дека треба да се повлече оваа концепција, која е документ од четириесетина страници, а на дваесетина од тие се образложува потребата поткрепена со европски документи и нови национални стандарди, кои не се најнови, и на дваесетина страни има концепција каде се спојуваат значајни предмети, во предмети на општествени науки.

Во време кога имаме негирање на историјата, јазикот и идентитетот од страна на соседите, ваквото спојување на предмети, односно ваквата концепција на интегрирање на предмети, отвара сериозен сомнеж дека истата е диригирана од некои други центри, а не е неопходна потреба, вели Јаневска.

Таа објасни дека не е заради интегрирањето предмети, туку треба да се увиди и да се направи анализа зошто нашите ученици заостануваат, како и сериозна поддршка на наставничкиот кадар и усогласување по европскиот стандарди, како и да се врати дигнитетот на наставничкиот кадар.

За да стане училиштето посакувана средина и за учениците и за наставниците, треба да има начин како тоа точно ќе се направи прво физички со опремени училници и услови за учење, тука не станува збор за пилот програма, туку чим веќе се имплементира во прво и во четврто за што не добивме образложение зошто баш таму, истакна Јаневска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.