Дел од директорите на училиштата денеска одржаа состанок со министерката за образование Мила Царовска, на кој соопштија дека веќе прават подготовки според здравствените протокли и реорганизација на наставата согласно со капацитетите на нивните училишни објекти, што е нивна и надлежност на општините.

Директорот на ОУ „Лазо Ангеловски“ во Ново Лисиче, Перо Арсеновски, изјави дека нивното улилиште, кое е меѓу најголемите во земјава, е подготвено наставата да ја почне со физичко присуство на учениците до трето одделение. Тоа се вкупно 18 паралелки со по 30 ученици во паралелка и секоја ќе биде поделена во две групи со најмногу 20 деца. Онлајн-настава од нив сакаат да следат 15 до 20 отсто по паралелка. Имаат услови и за онлајн-настава за учениците од четврто до деветто одделение, наставниците се обучени, технички и просторно се опремени и сè е, рече, организирано и подготвено за да нема проблеми.

Настава со физичко присуство ќе има во ОУ „Лазо Трповски“ во Карпош, не само до трето одделение за кои е задолжително, туку и за погорните одделенија зашто имаат просторни можности. В.д. директорката Јовановска рече дека за родителите што ќе побараат онлајн-настава имаат обучени наставници за да има квалитетна настава.

Матилда Бајкова, директорка на ОУ „Аврам Писевски“ во село Бардовци со вкупно 250 ученици, изјави дека онлајн-настава ќе се организира само за ученици чии родители ја избрале, но дека 99 проценти од прво до трето одделение веќе се изјасниле за физичко присуство. И родителите на повозрасните деца, рече таа, сакаат настава со физичко присуство, имаат просторни услови и се подготвени согласно со протоколите.

Минатата недела Владата ги усвои протоколите за физичко присуство на учениците во основно и во средно образивание кои се доставени до сите училишта. Дополнително, вчера беше донесен и Планот како ќе се спроведува учебната година еден месец пред нејзиниот почеток на 1 октомври.

Според Царовска, целта била да се понуди колку што е можно покомбиниран модел кој ќе ги опфати сите и има две опции – физичко присуство на децата или онлајн-настава ако родителот не сака детето да биде во училница со други деца. Ако немаат интернет-пристап или ИТ-уреди, а се работи, рече Царовска, за околу 10 отсто од сите ученици, материјалите ќе бидат отпечатени и наставникот ќе им ги доставува на родителите. Посочи дека се прават анализи за да почне набавка и во второто полугодие да се обезбедат ИТ-уреди за тие деца.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.