Специјалното јавно обвинителство делело милионски суми на луѓе во обвинителството, но и на луѓе блиски до него. Откако на страната „Отворени финансии“ беа објавени податоци за тоа кој и колку пари „цицал“ од СЈО се разбуди и Јавното обвинителство кое најави дека ќе испитува кога и како биле потрошени десетиците милиони евра во Специјалното јавно обвинителство, не само за обвинителите, туку и за другите вработени таму.

Анализата на поделените пари покажува дека во СЈО, надвор од редовната плата, биле исплатени хонорари од 19.000 евра за Берниса Рахиќ, ќерката на Есад Рахиќ, директорот на КПУ Шутка, а 14.000 евра добила Марија Василевска, ќерката на Сашо Василевски, поранешен директор на МЕПСО. Ништо покуси не останале ниту Примислав Димовски, истражител и командант на единицата Алфи, кому му биле исплатени фантастични 38.000 евра хонорар, во просек по околу 42.000 денари секој месец, а и директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми се офајдил со 26.000 евра од 2016 година до денеска. Притоа во некои месеци СЈО по еднаш, а некогаш и во неколку наврати исплаќало хонорари на своите соработници. Ова се само дел од мноштвото лица на чии конта секој месец легнувале илјадници денари.

Сепак, најголем прав се крена околу информација дека Катица Јанева земала 157.000 евра додаток на својата плата. Само оваа година, таа си доделувала по 250.000 денари плус месечно.

Најголем дел од дополнителните 157.000 евра таа ги добивала како додаток за доверливост – да не открива што чула во „бомбите“, а земала и надоместоци за кирија и за тоа што работела вон градот во кој живее.

Како што може да се види во базата, поранешната обвинителка секој месец земала по околу 42 евра за тоа што работи надвор од местото на живеење, 400 евра за кирија и додаток за доверливост што ѝ бил исплаќан под контото „Други трансфери“. Токму овој последен бонус е модусот преку кој Јанева ги зела најголемите суми.

Тој се зголемувал во текот на мандатот од четири години – од 1.600, преку 2.200, па сѐ до 4.000 евра.  Јанева за првпат ваков додаток за доверливост зела во ноември 2015, и тоа во износ од 248.000 денари, додека втор во февруари 2016, и тоа 70.000 денари. Наредните десетпати зела по 100.000, па еднаш – 40.000 и потоа уште 11 пати по 140.000. Од октомври 2017, па сѐ до јули годинава, Катица Јанева 22 пати зела по 250.000 денари или по 4.000 евра.

Премиерот во заминување Зоран Заев смета дека државниот јавен обвинител е тој кој може да ја побара и да ја соопшти информацијата за тоа како се делеле бонусите во СЈО, застанувајќи во првиот ред на одбраната на обвинителите. Премиерот во заминување појасни дека според неговите информации од следењето на реализација на буџетот и неговиот ребаланс, не се трошат секоја година предвидените 228 милиони денари средства кои што се со закон определени за СЈО.

Сите знаеме дека специјалните јавни обвинители добиваа поголема плата за некои 300 до 500 евра, не знам колку е поголема платата од другите јавни обвинители, заради тоа што сериозно презедоа и одговорност и преку додатоците за чувањето на самите материјали што носат своја дополнителна одговорност во целиот тој дел. Нема да дозволам да се фрли негативно петно врз јавните обвинители. Постои истрага за државниот специјален јавен обвинител, но за другите не е коректно и треба да се праша да ги кажат сите детали и целата анализа кој е тој дел што е примен како надоместок во делот на додатокот, за сигурност на материјалите за сериозност или за доверливост, и која е вистинската номинална нето плата која што ја земале специјалните јавни обвинители – изјави денеска премиерот во заминување.

Според премиерот во заминување, ако јавен обвинител во државата зема илјада евра плата, специјалните обвинители земале 1.300 евра, а дополнително на тоа се додатоците коишто ги земале за доверливост, за сигурност, за чување на самите материјали, а што со закон е определено како тоа се распределува.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.