Одлуката на Комисијата за заразни болести и министерот за здравство Венко Филипче за враќање на работа на хронично болните предизвика бурни реакции во јавноста.

Имено, според статистиката која што ја објави Институтот за јавно здравје покажува дека дури 80 проценти од починатите пациенти биле со хронични заболувања и тоа најчесто од кардиоваскуларни заболувања, дијабет и белодробни заболувања.

Кардиологот во ГОБ “8ми Септември” Антонио Антовски вели дека кардиоваскуларните се само дел од палетата на дијагнози кај кои корона вирусот сериозни компликации.

Корона вирусот предизвикува компликации на кардиоваскуларниот систем и затоа пациентите кои имаат хронични промени се поосетливи на комликации доколку дојдат во контакт со вирусот.Од таа причина тие беа ослободени од работа, за да се заштитат на работните места условот е строго почитување на протоколите и мерките на заштита. Доколку тоа не се почитува тие луѓе ќе бидат со зголемен ризик – вели доктор Антовски.

На ваквата одлука на Филипче, реагира и докторот Нико Беќаровски од Токсикологија кој на својот фејбук профил пишува како да им објасни на својот колега кој има три стента, дијабет, ХОББ и други заболувања дека од утре може безбедно да доаѓа на работа со автобус.

Како да му објаснам на мојот колега медицински техничар кој има три стента, дијабет, ХОББ и други заболувања дека од утре ќе може безбедно да доаѓа секое утро на работа со автобус и ќе може да ги боцка пациентите со 40 температура, а мојата драга медицинска сестра млада и потполно здрава треба да седи дома до крајот на годината, пишува доктор Беќаровски од Токсикологија по предлогот на Комисијата за заразни болести – хронично болните и лицата со малигни заболувања да се вратат на работа.

Беќаровски додава дека пред 33 години кога го полагал испитот Епидемија, професорот ги учел дека треба да бидат изолирани ризичните категории, а останатите ќе ја победат епидемијата порано или подоцна.

Здруженија на пациенти со малигни заболувања велат дека овој предлог ќе ги доведи пациентите со малигни заболувања во животно загрозувачка состојба.

Со враќањето на работните места пациентите со карцином, кои и онака веќе се со кревко здравје, се ставаат во животозагрозувачка состојба. Преку оваа писмена реакција Здружението би сакало да апелира до надлежните да не дозволат цената од собиранките, групирањата и живеењето „со полна пареа“ да ја платат луѓето кои поради својата болест спаѓаат во ризичната група.

Би сакале да потсетиме дека поради пандемијата многу од луѓето кои неодамна ја добија дијагнозата рак, беа принудени наместо во јавните, да се оперираат во приватните здравствени установи, а оние коишто немаа средства за да си го дозволат тоа беа ставени на листа на чекање. Оние кои веќе се оперирани се оневозможени да ги направат контролите на време, со што секако ризикуваат од влошување на здравствената состојба. Дополнително нивното здравје го загрозува и стресот што им го предизвикува фактот дека покрај со болеста карцином, тие би можеле, за да го сочуваат својот живот, да се борат и со предизвиците што ги носи новиот вирус, а со тоа повторно да мора да талкаат низ здравствените лавиринти, стои во реакцијата на Здружението Љубов сме.

На одлуката реагираше и опозициската ВМРО-ДПМНЕ која пак смета дека со одлуката на Комисијата за заразни болести и министерот за здравство Венко Филипче се кршат човековите права и истата е на линија со геноцид преку спречување на правото на здравствена заштита и живот, повикувајќи ја владата на СДСМ да не го прифати овој предлог.

На листата на дијагнози согласно која хронично болните досега беа ослободени од работа се – ХОББ, астма, фиброза, акутен миокарден инфаркт, венска тромбоза, дијабетес, состојба по трансплантација на бубрег, лупус, и сите малигни заболувања.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.