До 13 часот во основните јавни обвинителства и преку електронската адреса [email protected] пристигнати се неколку известувања за евентуални изборни нерегуларности.

Од Јавното обвинителство на Македонија информираат дека по сите добиени известувања се постапува итно и со приоритет.

Во Основното јавно обвинителство Струмица денеска е доставено известување за лице кое на бензиска станица во село Василево нудел ваучери за гориво за да се гласа за определена политичка партија. Обвинителството издало наредби за обезбедување на видео камери, видео записи и преземање дејствија во насока на утврдување на фактите.

Во Струмичкото обвинителство примени се известувања за уште два настани, случени вечерта на 14 јули. Едниот во село Добрадинци каде околу 21 часот лице нудело пари за да се гласа за определена политичка партија, а вториот настан се случил во село Дражево, каде околу 21:50 часот лице вработено во Центарот за социјални работи вршело агитација со закани за да се гласа за определена политичка партија.

Во Основното јавно обвинителство Скопје добиено е известување за настан во избирачко место во ОУ Петар Поп Арсов каде на лице со истечена лична карта не му било дозволено да гласа, по што тој започнал вербална расправија и со мобилен телефон ги снимил членовите на избирачкиот одбор.

Во Основното јавно обвинителство Кочани се преземаат дејствија за расчистување на вкупно пријавени шест настани кои се однесуваат на наводен изборен поткуп и за агитирање со организирано носење гласачи до избирачките места.

На електронската адреса на која граѓаните можат да пријават сомненија за изборни нерегуларности денеска пристигнати се вкупно пет известувања. Претставници на една политичка партија испратиле четири известувања за наводен поткуп на гласачи кои се вршеле во избирачки места во Кочани. Известувањата се итно проследени во надлежното Основно јавно обвинителство Кочани и по нив се постапува.

Основач на граѓанска организација испратил известување за наводни изборни нерегуларности кои се вршеле преку агитирање на социјалните мрежи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.