Од 181 земја колку што се анализирани во најновиот Извештај за човековиот развој „Патоказ низ несигурни времиња“ на УНДП, Македонија се најде на 78 место, зад сите земји од регионот.

Земјите во извештајот се групирани во четири групи – земји со низок, среден, висок и многу висок раст на човековиот развој.

Откако е воведен во 1990 година на светско ниво, но и во случајот со Македонија растот е континуиран, се до 2018 година, каде што како земја почнуваме да назадуваме, но тоа не е проблем само на нашата земја, туку е и глобален проблем“, посочи на презентацијата на извештајот Марко Трошановски од Институтот за Демократија Социетас цивилис – Скопје.

Тој посочи дека во светот овој тренд почнува да се менува во 2019 година, односно пред ковид кризата, а со неа дополнително се забрза и станува сѐ понегативен. Така, 2021 година е првата година во која што Индексот за човековиот развој откога се мери опаѓа две години по ред. Уште полошо е што вредноста во 2021 на глобално ниво е пониска од 2017 година што значи дека светот изгубил пет години од своите заложби за постојано унапредување подобрување или развој.

„Ако се земе низ години може да се види дека постојано сме имале зголемување на индексот на човечки развој. Сѐ до 2020 година. Во 2021 година во случајот на Македонија е на ниво на развојот од 2017 година“, рече Трошановски, додавајќи дека за разлика од светот каде што има петгодишен регрес, во Македонија се случува регрес од четири години, односно вратени сме во развојот за период од четири години.

Но, како што посочи, она што исто така загрижува е ако ова продолжи и во наредната година, проектираното враќање нема да биде пет, туку седум години наназад, што е прилично загрижувачки податок.

Ако го земеме 25 годишниот тренд на развој на земјата сепак можеме да кажеме дека во нашиот случај, како и во многу други земји во светот имало континуиран човеков развој, односно за периодот 1995 – 2001 година растот е речиси 20 проценти. Очекувањата за животниот век се зголемиле за 2,2 години, се подобрила и средната вредност за образование за 4,7 години, а очекуваните години за школување за 2,2 години, а бруто домашниот приход (ГНИ) по жител се зголемил за 77 проценти“, рече Трошановски.

Инаку, во 2021 година средната вредност на очекуваниот животен век е  73,8 години , очекуваните години на школување се 13,6 додека средната вредност на години кои што луѓето ги поминуваат реално во школо наспроти колку се очекува од нив се 10,2 години.

Претседателот Стево Пендаровски, обраќајки се на презентацијата на овој важен извештај, рече дека на економската криза предизвикана од пандемијата, но и руската агресија врз Украина доведе до ценовни шокови и раст на животните трошоци во Европа и светот.

Ние сме високо рангирани во однос на смртноста од Ковид-19, загаденоста на воздухот ни е хроничен проблем, а имаме слаби резултати во образованието и медиумската писменост. Мора да ги удвоиме националните напори за да постигнеме посилен економски и општествен развој“, рече Пендаровски.

Тој во своето обраќање за време на презентација на Извештајот за човековиот развој 2021/2022 на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), рече дека половина од земјите во регионот на југоисточна Европа се со многу висок човеков развој, а другата половина се со висок човеков развој. Ние, како што додаде, сме на дното на втората група.

Тоа не треба да не изненадува ако имаме в предвид дека во здравствениот сегмент сме високо рангирани во однос на смртноста на Ковид-19, загаденоста на воздухот ни е хроничен проблем, а имаме слаби резултати и во рамки на ПИСА тестирањето. Ниско сме рангирани и во однос на медиумската писменост. На пример, Финска која е најдобро рангирана европска држава, има пет пати повеќе бодови за медиумска писменост од нас“, рече Пендаровски.

Според претседателот, без соодветна здравствена заштита, квалитетно образование и медиумска писменост, тешко е да се очекува висок животен стандард.

Голем дел од причините за овие состојби се екстерни и едноставно не зависат од нас – климатските промени, геополитичките тензии, економските, енергетските и здравствените кризи се глобални потреси кои го забавуваат прогресот. Но, освен надворешните влијанија, нашиот развој нема задоволително темпо и како последица на низа внатрешни фактори“, рече претседателот.

Тој напомена дека сведочиме на долга децениска историја на започнати, а незавршени реформи, како и на корупцијата, клиентализмот и сивата економија, што ја еродираат довербата на граѓаните во институциите.

Безмалку, како што рече, секоја власт од независноста до денес, наследуваше и оставаше системски слабости кои се таложеа.

Овој извештај не треба да биде предмет на дневно политички толкувања, затоа што секоја генерација политички лидерства носи поголем или помал дел од одговорноста за овие состојби. Не треба да зачудува што во таков контекст, постојат сите предуслови за пораст на европесимизмот, популизмот и авторитарните тенденции“, рече Пендаровски.

Според претседателот, извештајот потврдува уште една загрижувачка тенденција. Како што посочи, иако јазот на нееднаквоста се стеснува меѓу државите, тој за жал се шири внатре во самите држави. Вообичаено, напомена, највисоката цена ја плаќаат најсиромашните, кои се најранливи во кризни времиња.

Индекост на УНДП ги посочува критичните точки на кои мора да се фокусираме за да надоместиме за изгубените години и да постигнеме повисок степен на развој. За да ја постигнеме целта на повисоко ниво на човечковиот развој за сите македонски граѓани, потребни се три работи – прво, соочување со реалноста, второ, обмислување на решенија и трето политичка волја да ги направиме неопходните промени, смета претседателот.

Според Пендаровски, развојните стратешки документи ни ги даваат решенијата, а започнатите преговори за членство во ЕУ значат дополнителен мотив за суштински реформи.

Од УНДП почочуваат дека извештајот е со фокус на состојбите во Македонија, а е изработен врз основа на глобалниот извештај што секоја година УНДП го подготвува на светско ниво и оваа година е насловен „Неизвесни времиња, несигурни животи: Обликување на иднината во светот што се менува“. Втора година по ред глобалноиот извештај на УНДП бележи пад во однос на човековиот развој, а како главни причини се наведуваат пандемијата на КОВИД 19 и кризата во Украина.

Развојот на човештвото е во основата на цивилизацијата. Цивилизацијата не значи ништо друго туку подобрување на животот на човекот, правење услови за извесна иднина, фер правила на игра, подобрување на околината во која што живееме, создавање добри услови за економија, добро образование и здравство, правда и праведност за сите, оставање на подобро опкружување за идните генерации од оние кои сме ги наследиле“, изјави Постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.

Две години човештвото влегува од криза во криза. А, што прават луѓето во криза? Се организираат и изнаоѓаат решенија. Можеби тоа нема да бидат најдобрите решенија во моментот, но штетата е поголема ако не се прави ништо. УНДП работи на развојните политики со години. Социјалната вклученост и заштита, демократското управување, заштитата на животната средина се во сржта на нашето работење“, додаде Григорјан.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.