Еден од најсветлите празници годинава го славиме во изолација како подвиг на секој од нас пред искушенијата кои на светско ниво ги донесе пандемијата на коронавирусот Ковид-19 – нагласува техничкиот премиер  Оливер Спасовски во писмо до бискупот скопски и апостолски егзарх на Католичката црква во нашата земја, монсињор Киро Стојанов, со кое нему и на верниците од католичката вероисповед им го честита големиот христијански празник Велигден.

Спасовски во честитката посочува дека „овој празник го означува крајот на патувањето низ страдањата Христови”, потенцирајќи дека „од нас годинава се очекува да понесеме саможртва за доброто на сите овие денови да ги славиме во изолација за да се заштитиме себеси и ближните” и „во мирот и спокојството на домот да ја победиме смртта и да преминеме во нова иднина”.

Со воскреснувањето на Исус Христос, се случи нешто навистина ново, нешто што ја промени состојбата на човештвото и светот и стана сила на надеж за победа над сите човечки ситуации на страдање и неправда – нагласува Спасовски.

Тој натаму потенцира дека годинава „се соочуваме со непознат и моќен непријател, кој ги искушува нашиот и животите на нашите блиски”, но изразува и уверување „дека од празникот со кој ја славиме победата над смртта сите ќе излеземе посилни и подобри”.

Христос воскресна! Навистина воскресна! Останете дома! – пишува во честитката на техничкиот премиер Спасовски по повод празникот Воскресение Христово – Велигден.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.