Во Скопје како целина има сосем доволен број на слободни кревети во делот на интерните клиники, има простор и во болницата „8 Септември“ и може да се пренаменат едно или две одделенија со вкупно дополнителни 50-тина кревети, изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој дополни дека во Скопје функционира системот на координација помеѓу директорите, претставници на Министерството и сите јавни здравствени установи, што, како што рече, значи дека ако во болницата „8 Септември“ секаде се исполнети капацитетите, можно е да се отворат уште едно или две одделенија, ако другите се преоптоварени.

Така што, никаде во моментов не е прашање дека нешто е навистина критично. Секаде има простор и со оваа комуникација и прераспределба на пациентите тоа се решава, посочи Филипче.

Министерот нагласи дека единствено целосно е пополнето болничко одделение во Кавадарци, но и таму е отворена модуларна болница која речиси го удвои капацитетот на кревети.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.