Единствено вакцината е спасот. Доцнењето со имунизацијата на населението Македонија ќе ја чини многу загубени човечки животи, предупредуваше професорот д-р Анѓелко Ѓорчев, кој синоќа по 11 дена во кома почина во Ниш. Тој не се разбуил од кома во која падна само две минути откако ја прими вакцината против коронавирусот во Ниш предминатиот викенд.

Директорот на Универзитетскиот клинички центар во Ниш, Зоран Перишиќ, тогаш изјави дека состојбата на 72-годишниот пулмолог Ѓорчев од Скопје не е поврзана со примената вакцина против ковид.

Ѓорчев завршил Медицински факултет во Скопје, каде специјализирал, а потоа станал асистент по Интерна медицина. Докторирал на тема бронхијална астма, за што беше врвен специјалист. Како доцент и професор работи на полето на неговиот специјален интерес-пулмологија и алергологија, астма, ендокринологија на респираторниот систем.

Професорот беше член на Американското торакално здружение, Европско респираторно здружение, британско торакално здружение и на Француско респираторно здружение.

Професорот Ѓорчев активно се залагаше за имунизацијата на населението и повторуваше дека без вакцини нема да може да се излезе од пандемијата. Според него, новиот сој на коронавирус е нова закана за светот – единствено вакцината е спасот, а загрижува тоа што во земјава нема ниту една.

Вакцините спасуваат животи, а вчера во Македонија 51 пациент болен од ковид-19 ја загуби битката со болеста, што беше неславен рекорд од кога е почната пандемијата.

Македонија е една од најлошите земји во регионот во поглед на вакцинирање на своите граѓани. Додека другите држави, како Грција и Романија, полека им се приближуваат на Унгарија и Србија по бројот на вакцинации, Македонија стои на дното заедно со Босна и Косово.

Според проценките на престижниот светски магазин „Економист“, во Македонија досега прва доза вакцина примиле незначителни 0.7 проценти од граѓаните. Единствено Босна и Косово, каде официјално нема вакцинирање, се полоши од Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.