Големиот христијански празник, Богојавление-Водици се одбележува и во Дебар, традиционално во црквата „Света Петка“, каде света литургија одржа намесникот на Дебарската парохија, Миле Ангеловски.

Поради се помалиот број православни, пред се млади, чинот на осветувањето на водата беше направен симболично.

Бидејќи немаше пријавени повозрасни, а поради минусните температури, по литургијата отец Ангеловски симболично ја освети водата во базенот во дворот на црквата, каде е и седиштето на парохијата, откако седумгодшниот Павел и неговиот година помал братчед, Горазд,  кусо влегоа во базенот.

И намесникот и присутни верници си го честитаа празникот со желби и молби до Бога за здравје и благосостојба, а кумството за догодина го презеде семејството на Јован Силјановски.

Поради пандемијата овој пат изостанаа  дебрани кои живеат во други градови во државава, пред се во Скопје.

По повод Водици заживеаа селата од поширокиот регион, каде дојдени се поранешни жители и нивните потомци. Посебно, по празнувањето се препознатливи повеќе села, пред се Битуше, Горенци, Гари и Долно Мелничани.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.