Нeколку обвинители ја потврдиле информацијата дека поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева исратила ново писмо од притвор и тоа навистина пристигнало во седиштето на СЈО. Како што веќе беше објавено во медиумите, едно од барањата во писмото од Јанева било парите од „црниот фонд“ да ѝ се дадат за да ги плати трошоците за нејзина одбрана, како осомничена во „Рекет“.
Како што дел од обвинителите откриваат за „Фокус“, тие се затекнати од барањето, бидејќи парите од фондот досега се користеле за свадби, прослави, незгоди и слично.
Фондот самите го полневме по наредба на Јанева и таа ги контролираше средствата, па затоа немам претстава колку пари се останати. Пари секој месец даваа од обвинител до последен вработен, вели еден од обвинителите за „Фокус“.
Според извори на „Канал 5“, овој „црн фонд“ со кој раководела Јанева лично, бил во некоја рака облигациски фонд, кој се полнел во кеш, веднаш по приемот на платите на вработените во СЈО. Најголемо учество имале обвинителите и истражителите, кои морале да дадат по 3000 ден. месечно во т.н. „плико за црн фонд“. Оние со помали примања уплатувале нешто повеќе од 1000 денари месечно.
Некогаш се одобруваа средства за лекување, но најчесто за потребите на институцијата. На пример, имаше случај кога ни се расипа климатизерот, па за да не мора да се распишува тендер за набавка, го купивме од тие заеднички пари. Истото важеше и за набавка на хард дискови, за одредени поправки и други итни потреби, објаснуваат обвинители за „Дојче веле“.
Во моментов користењето на тој фонд е блокирано, со оглед дека Јанева ги одобрувала средствата. Обвинителите сметаат дека по истиот принцип по кој се собрани, парите сега треба да им се распределат на сите вработени, вклучително и на поранешната шефица, без разлика дали навистина ги бара и за каква потреба.
Адвокатот на Јанева, Ирена Фрчкоска, претходно за „Сител“ изјави дека немала информации оти нејзиниот клиент испратил писмо со кое бара за нејзина одбрана да се користи „заедничкиот фонд“ на вработените во обвинителството.
Поранешната специјална обвинителка, откако помина 30 дена во притвор, во вторник повторно ќе се појави на распит во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Денеска на распит е повикан и првоосомничениот во овој случај, Бојан Јовановски. Неговиот адвокат вели дека распитот ќе се однесува за „Рекет“, само во однос на сомненијата поради кој е во притвор, но не и на други околности бидејќи истрагата не е проширена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.