Бидејќи е надминат прагот на алармирање за загаденоста на воздухот на дел од мерните станици во Скопје, Битола, Тетово и Струмица, од Владата информираат дека стапуваат на сила мерките и препораките против аерозагадувањето.

Во Градот Скопје, соопштија од ЈСП, од 12 часот денеска користењето на јавниот превоз е бесплатно.

Препораките и мерките од Владата ги пренесуваме интегрално:

Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со Министерството за здравство се должни да:

  • Препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и лицата со хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без разлика на возраста, со препорака на матичен лекар.Препорачаат на сите правни субјекти (работодавци) да го реорганизираат работното време и лицата кои работат на отворено да работат од 11.00 до 17.00 часот.

    Препорачаат да не се организираат спортски натпревари и други културни манифестации на отворено.

    Обезбедат услови за зголемени активности на службите за итна медицинска помош, домашна посета и патронажна служба.

Владата на Република Македонија:

  • Да ги задолжи сите органи на државна управа, агенциите, фондовите, бироата, заводите, јавните претпријатијата и АД во државна сопственост, како и на Единиците на локална самоуправа да ја намалат (до 50%) употребата на службените возила.
  • Да обезбеди ограничување на работите на градежните објекти

Министерство за труд и социјална политика во соработка со Црвениот крст, Здравствениот дом и Единиците за локална самоуправа:

  • Да обезбедат прифатилишта за сместување на бездомници.Да дадат поддршка на стари осамени лица преку организирани посети.

Министерството за здравство:

  • Да ја задолжи Службата за итна медицинска помош да доставува Информација до ИЈЗ за број на повици (според дијагноза/код на МКБ10, пол, возраст, место на живеење/општина), за времетраењето на епизодата на алармантно загадување на воздухот на дневна основа се до завршување на епизодата и една недела по завршувањето.

Државниот инспекторат за животна средина:

  • Да започне со вршење на зачестена контрола на Инсталациите кои што поседуваат А – ИСКЗ дозвола, да спроведе контролни мерења на емисиите на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух со акредитирана лабораторија со цел да се утврди дали се применуваат пропишаните услови/мерки во Дозволата по однос на емисиите во воздух.

Министерството за животна средина и просторно планирање ќе подготви и достави:

  • Препорака до Инсталациите коишто поседуваат А – ИСКЗ дозвола, за намалување на капацитетот на производство (до 50 %) со што од оваа мерка ќе бидат исклучени инсталациите кои што произведуваат топлинска или електрична енергија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.