2503 смртни случаи поврзани со последници од КОВИД19 регистрирало министерството за здравство во цела 2020 година. Речиси три четвртини од смртните случаи се регистрирани во последното тримесечие од годината. Од почетокот на октомври до крајот на годината починале вкупно 1764 лица. По месеци, најголем број на починати се регистрирани во ноември, 769. Малку подобро поминал декември кога за 31 ден статистиката на починати пациенти пораснала за 740 лица. Најголемиот месечен раст е постигнат меѓу ноември и декември. Просечно, во 2020 дневно умирале по 7 лица како последица од ковид19. Ако се знае дека првите смртни случаи се регистрирани во март, просечниот број на починати пациенти во останатите три четвртини од годината надминува 9 на дневно ниво, анализира Сител.

Прегледот на бројот на починати пациенти како последица од корона вирусот покажува дека епидемијата во земјата минатата година имала три пика. Најсилниот бил во ноември, а претходните два се регистрирани во  јуни и април.

И податоците за морталитетот во 2020 иако се уште не се целосни сепак најавуваат дека оваа година ќе имаме најголем број на умрени лица од најразлични причини во последните 10 години. Државниот завод за статистика веќе објави дека во вториот и третиот квартал од 2020 имало најголем број на починати лица во последните 5 до 10 години, а стравувањата се дека податоците за последните 3 месеци од годината кога се регистрирани и 70% од вкупниот број на починати од ковид ќе биде тримесечие со најмногу регистрирани умрени лица од осамостојувањето.

Иако бројот на дијагностицирани нови случаи директно зависи од спроведените тестови, графичкиот приказ и тука покажува три пика на пандемијата во истиот период кога се забележуваат најголеми скокови и кај бројот на починати лица.

извор: Сител телевизија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.