Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска повторно ја обвини власта дека ја крие вистинската бројка на заразени со коронавирус.

Игор Николов, член на ИК, на денешната прес-конференција уште еднаш во име на партијата побара зголемување на бројот на тестови бидејќи, како што рече, „само така ќе знаеме на што сме и како треба да се дејствува и кои мерки треба да се преземат, и така ќе знаеме дали и кога можеме да одиме на избори“.

Целата лажна слика што се создава е во насока да се прикаже дека ситуацијата е делумно под контрола и дека може да се оди на некакви брзи избори, со што Заев би си го намалил неминовниот пораз“, рече Николов.

Тој ја обвини Владата за несоодветен и неадекватен пристап во борбата против коронавирусот, што довело до ситуација да имаме најголем морталитет во регионот, како што рече тој, поголем од Грција, Бугарија и Албанија заедно.

Иако процентите на заразени се слични во сите земји во регионот, процентот на смртност во Македонија е неколкукратно поголем од другите земји. Тоа може да биде основен индикатор дека се крие вистината на вистинската бројка на заразени. Наместо тоа да ни биде показател да се тестираат што повеќе, и бројот на тестирања да се зголеми, ние гледаме дека бројот на тестови на тестирања се намалува, рече Николов.

Тој уште еднаш го повтори барањето на ВМРО-ДПМНЕ да се изврши масовен скрининг како единствениот начин за добивање на вистинска и сериозна слика со што се бориме и до каде сме против епидемијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.