Власта и СДСМ остануваат неми пред навредите за македонската држава и македонскиот народ искажани во меморандумот на Бугарија, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека политиката на власта носи само порази на меѓународен план и дека државата не реагира на ваквите меморандуми за да и се овозможи на мафијата на Заев да продолжи да толчи државата.

СДСМ нема став за меморандумот на Бугарија кој е навредувачки за нашата држава и македонскиот народ.

Политиката на свиткана кичма единствено што донесе се нови порази наместо ЕУ интеграција.

СДСМ молчи, а МНР не реагира на ваквите меморандуми, додека мафијата на Заев продолжува да ја толчи и гмечи државата.

Меѓудругото спроведува мерки кои значат апартхејд.

СДСМ – ДУИ наместо да работат за европска иднина и подобри услови за живот на народот спроведуваат политика на поделби и сегрегација.

Додека ја поскапуваат струјата за да испумпуваат милиони преку тендери, додека банки пропаѓаат и илјадници остануваат без своите примања, власта наместо на решение на нивните проблеми одговара со поделби во општеството преку субвенционирање на вработувања по етнички клуч.

Субвенционирање на приватни компании за вработување по етнички клуч е апсолутно неприфатливо. Компаниите не треба да се делат по тоа кого вработуваат. Наместо политика на апартхејд, нека почнат да водат европски политики.

Сите плаќаат поскапа струја, сите се жртва на корупцијата и криминалот, сите се подеднакво небезбедни, сите ги делат истите маки. И власта наместо со политики на поделби треба да почне со политики на сплотување, европски политики на заедништво – наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.