Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ до Архивата на Собранието на Република Македонија поднела интерпелација за работата на министерот за надворешни работи Никола Димитров.
По комеморативната седница на Собранието, пратеничката група на најголемата опозициска партија одржала координација на која уште еднаш бил изразен револтот што со пратениците го споделиле повеќе граѓани кои се почувствувале крајно навредени од понижувачката изјава на министерот Димитров дека македонската нација е нација со комплекс.
Се работи за нација со комплекс која мора да си бара назад 2.000 години корења. Александар Македонски ако го нема, ние не знаеме кои сме. Со тоа копањето назад што е комплекс на несигурност во себе и на инфериорност, дадовте аргументи на политичките сили во Грција кои не сакаат да има Договор. Изгубивме пријатели, од жртва, станавме луѓе кои се клоцаат“, кажа Димитров од собраниската говорница.
Во образложението потпишано од пратениците се вели дека министерот Димитров функцијата ја врши несовесно и со потценување на народот и граѓаните како носители на суверенитетот во државата.
Од Собранието, согласно Уставот и Деловникот, се бара да се расправа по оваа интерпелација и да се утврди моралната, политичката и професионалната одговорност на министерот Димитров.
Според Деловникот, Талат Џафери треба да го извести министерот за поднесената интерпелација во текот на истиот ден во кој е доставена.
Ова е втора интерпелација за Димитров поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.