Предлогот за измени на Кривичниот законик во делот на заострување на легислативата за застарување на кривилчни дела за избрани и именувани лица, првично е прифатлив за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, но тие ќе предложат во законскиот текст да се вметнат и одредби и за нивниот предлог аболицирани лица да не можат да бидат избрани на раководни функции и да нема аменстија за високи функционери.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски денеска изјави дека не го виделе текстот за измени на Кривичниот законик предложен од нивниот колега Александар Кирацовски во делот на заострување на времетраењето за застарување на кривичните дела особено за избрани и именувани лица, но оти првично за нив е прифатливо ова законско решение. – Во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ прв столб е владеење на правото и нулта корупција. Ова законско репение ВМРО-ДПМНЕ сериозно ќе го разгледа, но и ќе проба да го подобри, да се внесат одредени работи – да се испитува потекло на имот, да не застаруваат дела на функционери и високи политичари и да не можат аболицирани лица да бидат избрани на високи и раководни позиции, да нема амнестија за високи функционери. Тоа се некои од основните постулати коишто ВМРО-ДПМНЕ ги ветуваше, рече Мицевски.

Поддршка за ова решение даде и Александар Кирацовски од СДСМ

– Со законските измени се предлага периодот на апсолутна застареност да се зголеми за една третина од моментно пропишаниот рок. Тоа значи дека доколку биде прифатено ова законско решение, апсолутното застарување на кривичното гонење ќе настапи кога ќе помине период три пати подолг од пропишаната казна за тоа дело. Дополнително, во законот би се додал нов став кој предвидува доколку пред истекот на роковите за застареност е донесена првостепена пресуда, застареноста на првичната пресуда ќе се продолжи за уште две години, рече Кирацовски на прес-конференција во Собранието. Според него, со овој предлог ќе се спречи злоупотреба на институтот апсолутна застареност на сметка на владеењето на правото и заштитата на јавниот интерес. – Ова законско решение треба и се надевам дека ќе биде прифатено од сите 120 пратеници, рече Кирацовски, повикувајќи ги и пратениците од опозицијата да ги поддржат измените, кои како што нагласи се јавен интерес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.