На денешната прес конференција Орце Ѓорѓиевски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ се осврна на случајот со ПИН ПЕТРОЛ- фирма која отвори бензинска, а камен темелник поставуваше Оливер Спасовски, а истата потоа доби тендер за технички преглед на моторни возила.

ПИН ПЕТРОЛ, фирма која отвори бензинска, а камен темелник фрлаше Оливер Спасовски, си доби тендер за технички преглед на моторни возила. ПИН ПЕТРОЛ е сопственост на таткото на доскорешниот советник на Оливер Спасовски, Никица Петрушевски. Неговиот татко е главен финансиер на СДСМ Куманово. Ова е извадок од интернет страницата на Бирото за јавни набавки, од каде се гледа дека МВР после лиценцата му дала и тендер на татко на Петрушевски за отворање на технички преглед за моторни возила. Бизнисот на фамилијата Петрушевски со Спасовски на чело на МВР рапидно расте. Во една година се отворени и бензинска пумпа и станица за технички преглед за моторни возила. Јавноста шпекулира и отворено се прашува, дали зад ПИН ПЕТРОЛ стои скриено сопствеништво на Оливер Спасовски!? Кога веќе ЈО не истражува,  ја повикуваме Антикорупциската комисија да го истражи случајот со бензиската станица и доделувањето на лиценцата за технички преглед. Институциите треба да истражат дали бизнисите на Пин Петрол се отвораат по легален или нелегален пат со нелегални пари!? Дали бизнисите на Пин Петрол, како што е и скорешната лиценца за технички преглед се резултат на влијание од страна на Оливер Спасовски и неговиот советник и дали истиот има материјален интерес од разработувањето на оваа фирма!? Бизнисите на ПИН ПЕТРОЛ се крајно сомнителни. Потребно е итно да се испитаат сите индиции, а доколку тоа не се стори сега, ќе биде сторено по 12 април, рече тој на денешната прес-конференција.

 

Министерството за внатрешни работи демантираше со соопштение во кое вели дека не е потпишан договор за услуги за технички преглед на моторни возила во Куманово со фирмата Пин Петрол и додава дека во тек е постапка за јавна набавка, ама договор не е склучен.

Најостро ги демантираме и лагите и манипулациите кои ВМРО-ДПМНЕ продолжува да ги пласира околу наводно сопствеништво на министерот Спасовски во оваа компанија. Ниту министерот Спасовски ниту член на неговото семејство нема удел во било која компанија ниту во државата ниту надвор од државата, ниту денеска ниту во минатото. По серијата лаги пласирани од оваа партија, во август оваа година министерот Спасовски поднесе барање до Антикорупциската комисија и јавно ја повика да се испита целиот случај и да се утврдат аргументите затоа што не смее да се дозволи да се манипулира со јавноста и да се изнесуваат лаги. Фактите се јасни, а тие говорат дека ВМРО-ДПМНЕ свесно лаже и ја манипулира јавноста, стои во соопштението од МВР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.