СДСМ не треба да бега од носење на заедничка Резолуција во македонското Собрание кое што ќе ги утврди националните црвени линии по однос на идентитетот, историјата и јазикот, велат од ВМРО-ДПМНЕ по реакцијата од СДСМ во која од владејачката партија одбиваат да се одржи расправа по прашањата од национален интерес велејќи дека Европа и светот ги знаат нашите идентитетски позиции.

Од опозициската партија велат дека со Резолуцијата ќе се изгради и за оваа, и за секоја идна влада позиција во преговорите. Во спротивно, велат, се отвора сомнеж дека некој е подготвен за пазарење со идентитетските обележја на штета на Македонија.

– Оттука доколку СДСМ сметаат дека за македонскиот идентитет не смее и не се преговара очекуваме да дадат поддршка на предложената Резолуција, бидејќи овој документ токму тоа и го акцентира. Доколку СДСМ и Заев навистина не преговараат за македонскиот идентитет, јазик, културна посебност согласно барањата на Бугарија, ваквата Резолуција само би ја зајакнала нивната позиција на масата, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Истовремено потсетувааат на членовите на бугарскиот парламент кои без разлика на партиската, политичката и идеолошката определба едногласно и унисоно донесоа Резолуција за Македонија, па било апсурдно македонското Собрание да нема Резолуција за македонските национални интереси.

-Документот кој што Собранието на Македонија би требало да го донесе не е партиски текст туку е текст произлезен од највисоките научни, образовни и општествени институции и авторитети во Македонија како МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА. Во себе содржи дефиниции и позиции базирани на несоборливи факти и аргументи, кој што никој во државата не може и не смее да си дозволи заради политика да ги спори, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Несогласувањето со текст Резолуцијата и воопшто носење на ваква Резолуција е директно спорење со аргументите во декларацијата.

Од СДСМ пак велат, ако Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во својот идентитет не мора да поднесуваат декларации или какви било заклучоци до Собранието.

Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од било каква расправа за тие прашања особено не во македонското собрание. Цела Европа, целиот свет знае кои се нашите идентитески позиции но очигледно само Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не се сигурни во тоа. Христијан Мицкоски до толку е изгубен во своите блокади што бара Собранието да разговара дали сме Македонци кои зборуваат македонски јазик и имаат македонски идентитет и посебност. Мицкоски работи против државните и национални интереси и во состојба е да измисли се само за да ги блокира тековните мерки и политики што носат придобивки за граѓаните и државата. Затоа е таму каде што е, во опозиција, затоа му следува уште еден пораз овој пат на локалните избори – велат од СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.