Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски во интервју за Дојче веле за пописот вели дека опозицијата има легитимно право да се сомнева оти власта сака да ги наштелува бројките и процентите.

Отфрлањето на сите предлози, и нивното насилие како власт, нам ни дава легитимно право да се сомневаме во целите на пописот. И јас тука целосно свесен и за нашата одговорност, би бил многу внимателен во квалификациите и предвидувањата, но можам со сигурност отворено да се сомневам во резултатите на тој попис. И ве уверувам, доколку имаме ваков мафијашки попис, бројките и процентите ќе бидат прашање на декор. ВМРО-ДПМНЕ нема проблем со процентите од пописот доколку тие бидат реални и израз на фактичката состојба, па какви и тие да биле, но имаме проблем со политички мотивираниот попис кој Заев го турка на сила. Нам ни треба фер и објективен попис, а секој треба да знае дека фалсификат попис кој, пред се’, треба да биде статистичка операција, граѓаните ги чини погрешни проекции за иднината и пари, вели Мицкоски.

Темата попис власта ја направи политичка и тоа е последица поради две причини. Првата, поради тоа што не ја вклучи опозицијата на ниту еден начин да учествува во овој процес, ги одби сите наши предлози и суштински амандмани. И втората причина е тоа што овој процес го турка на сила во услови кога многу поразвиени земји како Германија, Бугарија, Хрватска, Ирска, Шкотска пред се’ поради ковид-кризата ги одложија своите пописи.

Зошто сметаме дека претстои фалсификат попис: Попишувањето е предвидено да биде завршено со едноставно диктирање на матичниот број. Дали може да се случи едно лице да диктира повеќе матични броеви, без притоа да покаже соодветен доказ дека тие во моментов се резиденти на Република Македонија? Постои сѐ уште институтот политички двоен потпис, што во превод значи едниот кадар на ДУИ, другиот на СДСМ ќе си се усогласат меѓу себе какви резултати да потпишат. Понатаму, велат дека попишаните матични броеви ќе бидат вкрстени со базите на податоци. Со кои бази на податоци? До овој момент, ниту една база на податоци не и’ е позната на македонската јавност, која што ќе биде користена. Власта одбива да се земаат податоци со отисок, а исти такви апарати за земање на отисок согласно постоечкиот закон треба да набават за локалните избори кои се неколку месеци по пописот. Понатаму, ќе се спроведува попис според методологија која што сѐ уште официјално не е излезена во Службен весник, зошто да одлучува Владата, а не, на пример, пратениците и Собранието, каде е присутна и опозицијата? И на крајот, кажете ми во која тоа држава пописот се турка без консезус помеѓу власта и опозицијата? Нема таков, вели Мицкоски.

Тој повтори дека опозицијата бара власта да го повлече предлог-законот за попис и да се постигне консензус. Во спротивно, повтори тој, ВМРО-ДПМНЕ ќе се мобилизира и заедно со граѓаните и ќе поднесе иницијатива до подрачните единици на Министерството за правда, за собирање потписи за предлог закон со кој би бил поништен законот за попис што ќе го донесе парламентарното мнозинство.

Доколку и ова решат да го игнорираат и да ја заобиколат волјата на граѓаните, тогаш јавно и јасно кажуваме дека ВМРО-ДПМНЕ нема да ги признае резултатите од пописот кој ќе биде очигледен фалсификат, ниту тогаш, ниту во моментот кога ќе ја преземеме власта. И тоа ќе биде најасниот показател за самоволието и политичкиот инженеринг на власта со кој сака да се замолчат граѓаните и нивната волја, заврши Мицкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.