ВМРО-ДПМНЕ на сите граѓани на Република Македонија им го честита големиот македонски празник Илинден.

Илинден е најсветлиот ден во историјата на Македонија, кој ги врзува сите генерации кои се бореа за слободна и независна Македонија. И во 1903-та и во 1944-та година на овој ден народот се обединуваше под бајракот на слободата на татковината во борбата за своите човечки правдини против вековите ропства и окупации.

Илинден е нишка на вековниот сон за кој своите животи ги дадоа илјадници македонски херои, синови и ќерки. Во 1903 година храброста и жртвата на хероите од Илинденската епопеја беше искрата која разгори идеал пренесен и на вториот светол Илинден 1944 година кога со АСНОМ се втемели македонската државност, идеал кој на 8-ми Септември беше крунисан со независна, самостојна и суверена Република Македонија.

Идеалот никогаш не смее да згасне, бидејќи и борбата за Македонија вечно ќе трае. Денес повторно сме исправени пред нови искушенија и предизвици. Новата борба која ја води оваа генерација, во ова ново време, е борбата против оние кои го погазуваат достоинството на овој народ, го негираат, му ги газат неговите права и слободи, против оние кои го осиромашуваат и крадат, против растечката корупција и криминал што ги разјадува темелите на државата, против оние кои нудат бесперспективност наместо напредок, против оние кои бегаат од народот и го делат, против оние кои заради гола власт ги предаваат и своите предци и своите идни поколенија. Оваа борба е тешка, но многу потешка била и борбата на Илинденците и таа на Народноослободителната војска. Нивната саможртва и посветеност на идеалот покажуваат дека нема борба која не може да се кринуса со успех, ако народот е сплотен. Таа победа ќе биде просперитетна, богата, независна и суверена Република Македонија, дел од широкото европско семејство на држави.

Слава им на сите кои ги положија своите животи за слободна Македонија!

Нека е честит и вечен празникот Илинден!

Нека е вечна Македонија!, стои во честитката на ВМРО ДПМНЕ по повод Илинден.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.