Победата на 12 април и формирањето на идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе значат обнова на Република Македонија, велат од партијата, додавајќи дека за ВМРО-ДПМНЕ иновативноста, вложувањето во образованието и културата се сегменти кои што треба да се мотор на прогресивноста во државата.

Затоа пред граѓаните се обврзуваме на обнова која ќе опфати изградба на нови 20 и реконструкција на најмалку 50 училишта во Република Македонија. Со овој проект ќе се овозможат пристојни услови за работа, односно следење на настава во подобри услови.

 

Идната владата на ВМРО-ДПМНЕ се обврзува исто така да донесе поголеми плати за универзитетскиот наставен кадар, односно ќе се воспостави методологија која ќе обезбеди зголемување на примањата. Ќе се обезбеди до 100.000 денари за редовните универзитетски професори, до 80.000 денари за вонредните професори, до 60.000 денари за доцентите и до 45 илјади плата за асисистентите на факултетите. Ова значи 2.5 пати повеќе од тоа што денеска го обезбедува државата.

 

Со овој проект ќе се обезбеди инвестирање во подобри услови за работа, средства и други лабораториски ресурси, но и мотивиран кадар се со цел да се спречи асистенти и доценти од универзитетите да го напуштаат наставно образовниот процес.

 

ВМРО-ДПМНЕ се обврзува и на покачување на платите на наставниците во основните и средните училишта, а тоа значи почитување на Колективниот договор, се вели во партиското соопштение.

ВМРО-ДПМНЕ по 12 април ќе донесе обнова на Република Македонија, додаваат, а со тоа и подобрување на животниот стандард и задоволни граѓани кои својата иднина ќе ја градат во сопствената држава.

ВМРО-ДПМНЕ се обврзува да донесе повеќе за секого во државата. По 12 април следува нова енергија, нова надеж, достоинство, работа и вистинска грижа за граѓаните, се вели во утринското соопштение.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.