Дали господинот Џафери е избран од граѓаните кои што треба да ги штитиме или тој е избран за да ги штити министрите?

Предмет: Интегрален текст од изјава за медиуми – Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија

Датум: 13.09.2021

Почитувани,

Денес сакам да најавам дека Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе достави предлог одлука за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче заради лошиот менаџмент на здравствената криза која што кулуминираше со трагичниот случај на новоизградената болница во Тетово која што се запали и за жал однесе 15 човечки животи.

Оваа предлог одлука ја засноваме на членот 68 од Уставот на Република Македонија, а слична таква предлог одлука доставиле оние кои што денеска ја критикуваат односно пратеничките групи на СДСМ и НСДП во 2013 година, 25 октомври врз основа на овој член доставиле предлог одлука за разрешување токму на оваа уставна норма.

Она го кажа Претседателот на Собранието, господинот Талат Џафери дека тој ќе одбие една ваква предлог одлука како неоснована, ние имаме едно прашање за господинот Џафери. Дали господинот Џафери е избран од граѓаните кои што треба да ги штитиме или тој е избран за да ги штити министрите? После една ваква катастрофа кава што беше горењето на болницата во Тетово, сметаме дека Талат Џафери треба да се стави во улога на заштита на граѓаните и конечно да искаже политичка воља оставката на Венко Филипче да биде констатирана во Собранието бидејќи после една ваква катастрофа најмалку што може Собранието да направи за граѓаните е да ја констатира оставката на Филипче, а потоа истражните органи да си ја водат работата кон тоа дали и кој сноси кривична одговорност.

Има и прашања зошто не поднесовме Интерпелација за Венко Филипче што е исто така уставна и деловничка можност, одговорот е едноставен. ВМРО-ДПМНЕ пред три години поднесе интерпелација против тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски и таа интерпелација Талат Џафери три години ја криеше во фиока, никогаш не дојде на дневен ред. Имаме уште неколку тековни интерпелации поднесено против министри од тековната Влада и Талат Џафери сеуште ги чува во фиока и не се дојдени на дневен ред. Затоа, не сакаме да си играме со ваквите можности затоа што Талат Џафери се поставува како заштитник на министрите, како да е министер во Владата, а не Претседател на Собранието како граѓански демократски дом.

Затоа цениме дека оваа катастрофа во Тетово кон жртвите, нивните семејства, но и кон сите пациенти и граѓани треба да ја завршиме со констатација на оставката на министерот Филипче тука во Собранието и да се избере нов министер за здравство кој што ќе може на подобар начин да го води овој ресор.

Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.