Македонија 40 години немала реален попис, кој може да помогне на државата во планирањето на идните чекори, Заев е на пат да спроведе уште еден политички попис, кој ќе биде само за задоволување на коалициони апетити и ништо друго.Време е СДСМ да се откаже од насилно туркање кон попис кој ќе значи фалсификат и лажење како на институциите, така и на граѓаните. Никој нема полза од фингиран попис и Заев и СДСМ мора да го сфатат тоа – велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив електронскиот попис е единствено решение, кое е брзо и ефикасно и кое ќе понуди цврсти информации кои и се потребни на државата.

Електронскиот попис ќе се спроведе со мечирање на базите на податоци на повеќе државни институции, по што ќе се добие јасна слика на бројот на државјани, резиденти, нерезиденти, вработени, невработени, нивото на образование и слика за секој еден податок од значење. Со мечирање и филтрирање ќе се спроведе операција каква што и треба на Македонија. Доколку Заев сака навистина европски попис ова е шансата, во спротивно ќе покаже дека само сака да си ја зачува фотелјата преку коалициони пазарења – стои во партиското соопштение.

Од СДСМ пак велат дека по речиси две децении без попис, во државата има недостиг од квалитетни статистички податоци, кои се клучни за градење на стратегии и политики и за натамошен сигурен и предвидлив развој на државата.

Токму затоа кај секоја политичка партија, кај секој граѓанин треба да преовладее разумот, да ги поддржат процесите, со кои се добиваат точни и целосни податоци за структурата на населението и домаќинствата и да се спроведе попис без мешање на политиката, се вели во денешното соопштение на СДСМ.

Тие додаваат дека со пописот како независна статистичка операција, организирана согласно меѓународните стандарди, ќе се соберат релевантни географски, демографски, економски, образовни, етничко-културолошки, миграциони и други суштински податоци.

Преку пописот ќе добиеме целосни и детални информации во однос на тоа каква е образованата структура на населението, просечната возраст на граѓаните, населеноста на регионите и општините. Ќе добиеме јасна претстава за структурата на постоечките индустриски капацитети, но и податоци за потенцијалите за иден развој на општините. Државниот завод за статистика ги има сите капацитети и е подготвен да одржи попис согласно стандардите на Обединетите Нации и на Евростат. Законското решение гарантира дека пописот ќе се спроведе исклучиво како статистичка операција која никогаш повеќе нема да се третира како политичко прашање. Пописот ќе се одржи напролет, во интерес на граѓаните и напредокот на државата“, соопшти СДСМ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.