Се повеќе е јасно дека министерот за здравство Венко Филипче и Комисијата за заразни болести, не знаат во кој правец се движи Република Македонија во однос на пандемијата, која деновиве се повеќе зема замав и бележи огромен пораст на новозаболени, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

На почетокот на пандемијата Венко Филипче прогнозираше бројка која одамна е надмината и веќе државата е влезена во огромен здравствен колапс. За лошата ситуација во јавното здравство говори фактот што веќе неколку инфектолози и медицински сестри ги напуштија работните места во јавното здравство и заминаа да работат во приватни болници, поради тоа што веќе долг период се соочуваат со реален проблем кој министерот Филипче упорно вели дека не постои, а тоа се лошите услови за работа и недоволната заштита која е неопходна во време на ваква пандемија. Венко Филипче преку смирени прес конференции пробуваше долг период да ги манипулира граѓаните и преку популистички мерки да ги уверува дека ситуацијата е стабилна, за денес да бидеме сведоци на речиси 20100 вкупно заболени изминатите месеци и за жал речиси 800 смртни случаи. Ова се податоци кои нималку не даваат надеж, ниту пак се показател дека ситуацијата е под контрола и дека Венко Филипче знае што прави. Инаку повторно бележиме висок процент на новозаболени. Вкупно биле направени 778 тестови, од кои 177 позитивни, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека за ваквото лошо менаџирање со јавното здравство во ваква пандемија, некој треба да сноси одговорност.

Изгубени се многу човечки животи, а за жал бројките на новозаболени изминатите неколку дена се движат околу 400 во само 24 часа и ветуваат подобра слика во наредниот период. Чесно е да се признаат грешките и за истите да се сноси одговорност, а доколку министерот Филипче смета дека не ја организира работата како што треба, коректно е да поднесе оставка и да побара помош од здравствени работници кои имаат идеја како понатака, се со цел намалување на бројките кои секојдневно ја разбрануваат јавноста и ги држат во неизвесност луѓето кои поради немањето визија на одговорните, трпат за леб и не знаат до кога ќе трае здравствената, а со тоа и економската криза. Македонските граѓани не смеат да бидат оставени на цедило поради личните суети на Филипче и членовите на Комисијата за заразни болести, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.