Ура! За “Афтономна Македонија”!- беа зборовите од Крушевскиот манифест кој е своевидното евангелие на македонското револуционерно дело. Тоа е носечкиот код врз кој почива оваа македонска држава и од тогаш до денес, секоја година на Свети Илија се празнува овој подвиг. И мене ми е особена чест што и оваа година сум во Струшко Ташмаруништа заедно да го одбележиме најсветлиот празник за Република Македонија, порача во денешниот говор лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој на Илинден е во Ташмаруништа.

117 години од Илинденското востание татни комитското УРА за слободна независна и автономна Македонија и 76 години од вториот Илинден кој ја печатираше желбата за слобода и ја круниса таа вековна епопеја на македонскиот народ за своја држава.

Илинденците и сето она за што се бореа е нашата света кауза поради која и постои ВМРО, и ова не се само обични букви тоа е кодот на Македонецот преточен во слова зад кои има историска големина, и ако некој мисли дека ВМРО припаѓа само на една историска генерација треба да знае дека пред се тоа му припаѓа на народот, на жените и мажите, на православните, муслиманите, Евреите и така ќе остане. И ќе потсетам супстратот на ВМРО секогаш биле западните идеи и кога многумина во 19-сетиот век зборувале за монархии, цареви и кралеви, ВМРО се формираше со идеја за “Република” и поради борба за слобода, рече Мицкоски.

Според лидерот на ВМРО ДПМНЕ, токму таа борба за слобода го калеше жезолот на слободата во која се вградени најголемите јунаци на оваа земја и затоа нашата слобода денес не е подарена туку тешко спечалена.

За нејзе гинеле мажишта, бројни браќа и сестри, се исткајувале судбини, порази, подеми и бројни битки. И затоа нашата борба за слобода има константа, се крена илинденското востание, а потоа продолжија партизаните и затоа што тоа е продолжение на сите претходни стремежи и поради својата храброст и пожртвуваност издвојуваше победа, по што дојде слободата и создавањето на државата. А сега, сето ова е обврска која не задолжува да ја одбраниме слободата секогаш кога таа ќе биде нападната. И знам дека и денес исто како и во тоа време има неправди, удари, подмолни струи кои треба да не обесхрабрат, втурнат во апатија, да се откажеме. Но секој од вас, секој од нас треба да знае дека овој ден денес го славиме не затоа што илинденците се откажале, туку затоа што се бореле. А борбата за Македонија е вечна, исто како и идеалот за нејзе, изјави Мицкоски.

Мицкоски потенцираше во говорот дека ниту еднаш нема да ги спомне со име и презиме неговите политички конкуренти.

За нив знаете се, на долго и широко и не би сакал ова празнување да се претвори во гола реторика на обвинувања и препирки, туку сакам да говорам за многу посуштествени работи кои стануваат сериозни проблеми во нашата држава, за состојбите кои ве мачат сите вас, за иднината која се скратува пред сите нас. Пред малку говорев за големината на илинденските идеали и на таа грамадна големина на револуционерното дело, тоа дело е обврска за нас, но ние како држава и општество мораме да бидеме реални и да кажеме дека скршнуваме од тој пат на илинденците, затоа што карактерот на државата се обликува согласно личните интереси и амбиции на поединци. Станавме општество на лажни величини кои се издигнуваат на ранг на морални судии, а кои по својата основа се трули, погрешни примери и кои доколку се компарираат со вредностите на западниот свет кон кој се стремиме се апсолутно маргинални, ќе бидат отфрлени и неконкурентни. Тие самопрогласени морални судии ја глумат совеста на општеството и истураат омраза, создаваат делби, провоцираат, а всушност се маска зад која се крие немоќта на естаблишментот на власт вистински да се справи со проблемите. Тие самопрогласени морални судии и величини се трудат да наметнат погрешна слика за работите и затоа ви се чини ненормалното-нормално, неморалното за морално, но кога ќе гребнете на површината се гледа подлабоко очајот на власта и нивната гола желба за личен конформизам и владеење. И сега ќе се навратам на претходно кажаното, замислете Питу Гули да речеше што ми требаше сето ова, и на пола битка да си заминеше, или Даскалот Гоце Делчев да се откажеше од идејата за Македонија, или пак Ченто да попуштеше. Не би го имале ниту овој ден денес. Поентата ми е дека сериозно државата скршнува од патот на илинденските идеали и дека сето тоа е со намера за да народот биде во апатија и мисли дека сите сме исти. А не сме. Вистински не сме, затоа што тие што се исти последниве недели ги видовме на купче собрани. А денес оние кои се товар во ВМРО душмански жестоко се обраќаат кон ВМРО. Целосно свесен за нивните постапки од минатото, и целосно свесен дека токму овие жестоки по-јаничарени јуришници на власта беа и товар на партијата, сакам јасно и недвосмилено да истакнам дека јас како претседател  на ВМРО-ДПМНЕ се извинувам на народот за сите грешки и неправди кои овие луѓе ги имаат направено. Тие во ВМРО гледаат личен интерес, а јас во ВМРО
гледам кауза. Јас повеќе не сакам да ги коментирам, верувам во народот и верувам дека народот сосема јасно разбира за што овде се работи и кој за што се бори, кој ја сака и кој работи за Македонија, порача Мицкоски од Ташмаруништа.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.