По пет месеци криење на Извештајот на Реактивната комисија на УНЕСКО за состојбата на Охрид и охридскиот регион како светско природно и културно од страна на Владата, конечно, по објавување на истиот на официјалната страна на УНЕСКО, јавноста доби увид во вистинската содржина на истиот со кој веќе по втор пат последователно се препорачува впишување на доброто на светската листа на УНЕСКО на загрозени добра. Како причина за оваа препорака, Реактивната комисија пред се го наведува лошото менаџирање на национално и локално ниво, односно вели:

Евидентно е дека доброто е во високо ранлива категорија најмногу заради проблеми во менаџирањето и сиромашната имплементација на законската рамка. Сето ова води кон несоодветни интервенции, негативни ефекти на градското планирање и предложени проекти од големи размери кои водат кон жестоко влошување на урбаниот, руралниот и природниот пејсаж што е клучен атрибут во исклучителните универзални вредности на Охрид и охридскиот регион, со што се исполнуваат сите критериуми за впишување на доброто на листата на Светско наследство во опасност, стои во соопштението од Комисија за култура на ВМРО-ДПМНЕ.

Заклучоците од последниот извештај упатуваат на фактите дека: нема скоро никаква промена во состојбата од 2017 година; уривањето на нелегалните градби е пребавно и прогласувањето на мораториум на сета крајбрежна и урбана трансформација е незадоволително спроведена; наместо подобрување на состојбата со природното богатство особено проблемот со Студенчишко блато, патеката сеуште е бетонирана, со што се нарушува биосферата на една од најважните точки на Охридското езеро; има сериозно загрозување на екосистемите и бидиверзитетот на охридскиот регион, но и во самото Охридско езеро; евидентнo е дека регионот е високо ранлив поради значајни проблеми со менаџирањето и слабото спроведување на законската рамка; во старото градско јадро на Охрид се вршат градежни интервенции за реконструкција на куќите, санација или доградба, со користење несоодветни градежни техники и материјали; и многу други забелешки. Во овој извештај, како никогаш претходно се наведуваат бројни нерегуларности и катастрофално менаџирање и во Струга и регионот на Дебарца.

Со оглед на тоа дека Охридскиот регион е загрозен само и единствено од човечки фактор, односно од причини како лошо менаџирање, неспроведување на законски регулативи, загадување, и многу други кои се во целост предизвикани од несоодветно работење на надлежните институции, ставањето на Природното и културното богатство на Охридскиот регион на УНЕСКО-вата Листа на светско наследство во опасност ќе ја информира целата меѓународна заедница дека власта во Македонија претставува најголемата опасност и закана за Охрид и охридскиот регион.

Реактивната мисија на УНЕСКО во Извештајот дава 70 препораки, од кои 52 треба да започнат ВЕДНАШ, една треба да се заврши во рок од 18 месеци, 12 треба да се завршат во рок од три години и пет кои треба да се завршат во рок од пет години.

И покрај силните предизборни ветувања во 2016 и 2020 година во кои се најавува спасување на Охрид и Охридскиот регион, Министерката за култура, Ирена Стефоска, очигледно е политички немоќна и неавторитативна, па и покрај предупредувањата, пролонгирањето на рокови и неколкукратното укажување на ИТНОСТА на состојбата од страна на УНЕСКО, таа, како Претседател на Националната комисија на УНЕСКО за Македонија не направи буквално НИШТО. Нејзините ветувања, односно заплашувања од февруари оваа година дека ќе бара одземање на ингеренциите од локалната власт се изгубија во мафијашкиот хаос и неспособноста на оваа Влада. Уште во 2018 година Стефоска, Морачанин и уште неколку пратеници од актуелното владино мнозинство спроведоа Надзорна расправа во Собранието на Р. Македонија од чии заклучоци е спроведено едно големо НИШТО. Дополнително, неодговорноста на министерката се гледа и во нејзината изјава од февруари каде таа изјавува дека „Не е ништо катастрофично доколку Охрид и охридскиот регион се стави на листата на загрозени добра“, а премиерот Заев повторно живее во некој нему замислен свет во кој не убедува дека не е се изгубено и дека има време до јули.

ВМРО ДПМНЕ бара итна реакција и одговорност од сите засегнати и вклучени раководни лица и органи надлежни за спроведување на мерки, планови и активности за заштита и зачувување на природното и културно наследство на Охрид и Охридскиот регион и тоа: оставка пред се на Ирена Стефоска, како Претседател на Националната комисија на УНЕСКО и Министер за култура, оставка на Министерот за животна средина, оставка на Министерот за транспорт и врски, оставка на градоначалниците на општините Охрид, Струга и Дебарца, оставка на директорот на Управата за заштита на културното наследство Ацо Костов, оставка на раководните лица на Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, НУ Музеј „д-р Никола Незлобински“ – Струга, Национален парк – Галичица и Институт за хидробиологија – Охрид.

Се чини дека исто како и Охрид и охридскиот регион, за кој Реактивната комисија изјави дека е загрозено до „Точка од која нема враќање“, и оваа Влада на СДСМ е во целосен хаос и распад до точка од која нема враќање, се додава во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.