Власта преку вицепремиерот европски прашања Бојан Маричиќ ја повика опозицијата на разговори за уставните измени кои се услов за продолжување на патот кон ЕУ. Од ВМРО-ДПМНЕ експресно одбија и одговорија дека единствено за што може да се разговара се предвремени парламентарни избори.

Мислам дека е време и со ВМРО-ДПМНЕ да разговараме, дали јавно или вон очите на јавноста, сеедно, да почне суштинска содржинска расправа околу уставните измени, зошто е проблем да бидат вметнати Бугарите во Уставот, како тоа нам, на Македонците ни е проблем, како тоа може да не загрози. Доколку влеземе во таква дискусија, верувам дека ќе дојдеме до разумни аргументи, дека е навистина трагично да ја блокираме сопствената држава на патот кон Европската Унија поради ова прашање – истакна Маричиќ.

Тој појасни дека со додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ, Македонците, мнозински народ во Македонија и Бугарите како етничка заедница во државата и како малцинство, според конвенциите.

На повикот од Маричиќ за дијалог, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека тој нема мандат ниту овластување од граѓаните да разговара нешто што не е одобрено од граѓаните.

Наместо да троши енергија за тоа, Маричиќ нека започне да се занимава со решавање на проблеми, како и со акутната неспособност на власта. На површина излегува дека власта нема мнозинство за уставни измени, наспроти кампањата која ја тераше цела година дека се на прагот, велат од ВМР0-ДПМНЕ.

Истакнуваат дека единствено за што може да се разговара со власта е потребата за предвремени парламентарни избори.

Македонија, според рамката за преговори со ЕУ, мора да го промени Уставот и да ги впише Бугарите, ако сака да го продолжи процесот на евроинтеграција. За да се направи таквата уставна измена неопходно е да се обезбеди двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници во Собранието. Според актуелниот собраниски состав, на парламентарното мнозинство му се потребни гласови и поддршка и од опозицијата, за што засега нема подготвеност.

Од друга страна, пак, власта одбива предвремени парламентарни избори, и децидна е дека тие ќе се одржан во редовниот термин во 2024 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.