По два месеци од почетокот на училишната година, Владата допрва ќе дебатира за тоа што ќе се случи со невакцинираните првачиња што не се примаат во училиштата токму поради таквата одлука на власта, најави министерот за образование Адеми. Според него, досега министерството пребројало околу 200 невакцинирани дечиња, ама изрази надеж оти и тие ќе се имунизирале со теренската вакцинација.

Од друга страна, од здружението за заштита на човекови права „Од нас за нас“ кои минатата недела излегоа и на протест, за Алфа велат дека врз децата се врши дискриминација, како и дека сите мерки се спроведени незаконски.

Се врши класична дискриминација при упис. Од министерот Адеми на средба по протестот побаравме веднаш да се промени тој Заклучок на Владата кој исто така сметаме дека е во спротивност со законските норми. Укажавме и дека во соодветниот Правилник се вели дека вакциналниот статус само се проверува, а не е и услов за (не)запишување. Во сето ова кое се случува ниту има некаква логика, ниту пак законска основа. За самата епидемија на морбили сметаме дека се донесоа незаконски епидемиолошки мерки – вели Гордана Гоџо од здружението „Од нас за нас“.

Во поголем број на земјите членки на ЕУ вакцинацијата е доброволна. Дури и таму каде се бараат потврди при упис во предучилишни или училишни установи, сепак државите нудат алтернатива, како посебни приватни училишта или можност за домашно школување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.